Поетесата и академик Катица Ќулавкова го критикува предлогот за заедничка резолуција на Македонија со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик. Според неа, тоа ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесуира официјално од македонските државни институции.
Ќулавкова наведува неколку причини за неподнесување на таков заеднички предлог-резолуција:
-Македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои предкодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови;
-Македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки;
– Македонскиот јазик е признат од ОН уште од самото нивно основање;
-Македонскиот јазик беше и е признаен од две третини најмалку од постојните држави во светот;
-Македонскиот јазик е признаен во меѓуанародните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.)
-Од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори;
-Македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор;
-Македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија;
-Постојат бројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот;
-Македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање;
Aкадемикот смета дека да се бара од соседна Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија и како што вели, крајно неодговорен чин.
-Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи. Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратешки приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на МАНУ, Институтот за македонски јазик и др. институции, да ги стимулира младите да го изучуваат и да се вработуваат соодветно, да ја шири и подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и др. и да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби групи во ЕП, стои во објавата на Ќулавкова.
The post Акад. Ќулавкова: Предлогот за заедничка резолуција со Бугарија е „руски рулет“ за Македонија и неодговорен чин appeared first on Локално.