Новата Влада досега исплати 20 милиони евра субвенции, на 20 илјади земјоделци. Тоа беше првиот предизвик со кој се соочивме во делот на земјоделството, заради тоа што во минатото немаше редовна исплата. Со самото доцнење на субвенциите имавме пад на земјоделското производство.
Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на панел-дискусијата 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.
Тој истакна дека субвенциите се поддршка на земјоделците бидејќи тие пари им се неминовни за да го одржат своето производство и за да го планираат наредното производство. Трипуновски истакна дека ќе се исплатат сите заостанати субвенции заклучно со 2023 година и да останат само тековните од 2024 година кои до крајот на годината и веќе од наредната ќе се сервисираат се со цел субвенциите редовно да бидат исплаќани спрема земјоделците.
– Во тек се работат програмите за 2025 година. Трите клучни програми на Министерството се Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и Програмата за водостопанство. Во Програмата за директни плаќања ќе се предвиди намалување на бирократијата која досега ја имаа земјоделците како обврска, и нормално ќе има фузирање на мерките, односно зголемување на сумата на субвенциите кај оние стратешки производи кои за нас како држава се многу важни. Во делот на Програмата за рурален развој, тука се инвестициите и модернизацијата во земјоделското производство, и оваа програма ќе биде наменета кон оние помали земјоделци кои што ќе треба да ги доведеме во ситуација да ги искористуваат и европските средства кои ни се на располагање преку ИПАРД-програмата. И нормално во оваа Програма ќе има повеќе сегменти на инвестиции од модернизација во делот на механизација, во делот на модерни системи за наводнување, во делот на преработувачки капацитети итн. И со последната Програма за водостопанство планираме да ги вратиме во функција сите системи кои досега беа запуштени и нефункционални – нагласи министерот.
Сите статистички податоци говорат дека во минатото Македонија повеќе увезуваше храна.
– Нашиот план, пред сè, е да ја вратиме довербата на земјоделците спрема институциите, спрема Владата, спрема Министерството. Затоа што во една таква симбиоза ќе можат да сметаат земјоделците дека имаат партнер со кој ќе можат да разговараат за креирање на закони, програми, уредби коишто ќе значат искористување на повеќе средства или креирање на мерки кои што се од добробит на земјоделското производство – рече министерот Трипуновски.
Тој најави дека на 2 ноември ќе биде организирана манифестација под мотото „Вкуси ја традицијата“, на којашто ќе бидат изложени повеќе од 300 изложувачи на македонски производи, преработки и примарни производи. Според него, преку манифестациите може да се долови дека Македонија има навистина вкусна и здрава храна којашто треба да биде препознатлива и надвор од границите.