Ракот на усната шуплина е меѓу 20-те најчести видови рак во светот. Кај мажите тој е на 12-тото место, а кај жените е на 18-тото, според податоците од Светскиот фонд за истражување на ракот. Оваа болест може да влијае на јазикот, непцата и на внатрешноста на усните, а во некои случаи се шири и на задниот дел од грлото.
И додека генетиката игра улога, експертите нагласуваат дека исхраната и начинот на живеење може значително да влијаат на ризикот од развој на рак на усната шуплина.
Една секојдневна навика, која многумина ја доживуваат како дел од релаксација или социјални моменти, всушност може да биде сериозна закана – а тоа е консумирањето алкохол.
„Кога пиеме алкохол, тој се разградува во телото во ацеталдехид – токсично соединение, кое може да ја оштети ДНК и со тоа да го зголеми ризикот од рак“, објаснува диететичарката и нутриционистка специјализирана за онколошка исхрана, Керол Саливан, за EatingWell. Покрај тоа, алкохолот им овозможува на штетните супстанции полесно да навлезат во клетките на усната шуплина и грлото.
Таа додава дека алкохолот е класифициран како канцероген од категорија 1. Може да ја наруши природната рамнотежа на микроорганизмите во устата и во цревата, да предизвика воспаление и да го ослаби имунолошкиот систем – сето тоа заедно создава плодна почва за развој на рак.
Саливан истакнува дека дури и умереното пиење алкохол може речиси да го удвои ризикот од развој на рак на усната шуплина. Алкохолот исто така се меша во апсорпцијата на важни хранливи материи, како што се фолна киселина, витамините А, Ц и Е, кои се неопходни за обновување на клетките и заштита од слободните радикали.
„Редовното пиење алкохол може да предизвика сериозни недостатоци на есенцијални витамини и минерали. Алкохолот речиси и да нема хранлива вредност, но сериозно ги нарушува природните одбранбени механизми на телото“, нагласува таа.
Стоматологот Чед Либрати советува дека, за превенција, треба да се грижите за исхрана богата со овошје и зеленчук, да избегнувате тутун, редовно да посетувате стоматолог и да користите заштита за усни во сончеви денови.
„Дури и умереното пиење може да го удвои ризикот, а за оние што пијат често ризикот може да биде петпати поголем“, предупредува д-р Либрати.
Саливан додава дека многу луѓе се грижат повеќе за ритуалот на пиење отколку за самиот алкохол, па затоа предлага да се премине на безалкохолни алтернативи, кои се сè повеќе достапни денес и може да помогнат во одржувањето на здравјето, без да се жртвуваат социјалните навики.
Текстот Алкохолот влијае на ризикот од рак на усната шуплина е превземен од МАКФАКС.