Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, на денешната јавна расправа на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, ги посочи потенцијалните закани и сериозните пропусти кои го враќаат трудовото право чекор назад, а се содржани во Предлог-законот за работно ангажирање на лица, предложен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Апасиев предупреди дека предложениот закон содржи сериозни празнини и е на раб на противуставност, особено поради непочитувањето на загарантирани права како платениот одмор, осумчасовното работно време и забраната за детски труд. Тој укажа дека со ваквиот закон се отвора можност за манипулации и злоупотреби од страна на работодавачите, кои ќе ги заменуваат постојаните работници со лица под овој основ којшто е поповолен за нив, а што ќе значи губење на социјалната сигурност. Пратеникот особено го критикуваше недостигот на јасна правна заштита во случај на работен спор, со што се ставаат работниците во подредена положба.
Лидерот на Левица го отфрли наративот дека законот е резултат на консензус, посочувајќи дека се работи за договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, без поддршка од синдикатите и без инклузија на сите опозициски гласови. Тој повика наместо измислување „топла вода“ во правото, да се пристапи кон суштинска измена на Законот за работни односи со засилување на трудовите права, особено за младите кои сè почесто се вклучуваат во интелектуални и флексибилни форми на труд.
Закон со вакви недостатоци како во предложената форма, Левица нема да го поддржи изјави Апасиев.
The post Апасиев: Под превезот ,,работно ангажирање” се легализира експлоатацијата appeared first on Локално.