Почеток КУЛТУРАСцена Балерината Ева Десоска со многу труд го заслужи своето место на Универзитетот во Манхајм

Балерината Ева Десоска со многу труд го заслужи своето место на Универзитетот во Манхајм

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Таа е една од десеттемина кои ја поминаа аудицијата во конкуренција од 70 кандидати. Пресудно било знаењето – долгогодишната работа во балетската сала, одличното познавање на балетските техники кои ги изучувала со својата професорка Маја Митровска-Богојевска

Младата, успешна балерина Ева Десоска (19) есенва своето школување го продолжи во Германија, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Манхајм. Таа е една од десеттемина кандидати кои ја поминале аудицијата и сите селекции, во конкуренција од 70 кандидати. Со неа разговараме за предизвиците да се истрае во оваа уметност, за желбата да се биде најдобар, но и за нејзиното искуство како дублерка на главната женска улога во филмот „Да се убијат прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, кој викендов имаше скопска премиера.

– Отсекогаш имав желба да студирам во странство за да имам можност максимално да се надоградам себеси. Универзитетот во Манхајм го следам веќе подолго време и кога видов дека е отворена аудиција за прием на нови студенти веднаш без размислување аплицирав. Аудицијата се случи во јуни, во просториите на Универзитетот и се состоеше од практичен испит по класичен и модерен балет како и писмен испит. Практичниот испит се спроведуваше во неколку етапи, а по секоја етапа испитната комисија правеше елиминации на учесниците – раскажува Ева.

Ева Десоска

Таа скоро и да не се сеќава на своето детство без балетот во него. Со балет почнала да се занимава од четиригодишна возраст. Полека ù се вовлекол под кожа и станал дел од неа. Балетот е специфична уметност, проследена со многу вежби и со исклучителни спортски вештини. Бара високо ниво на дисциплина, посветеност, физичка сила, ментална спремност, трпеливост и упорност.

– Од една балерина се очекува навистина многу. Постојана синергија помеѓу телото и умот за да се изведат технички движења кои се навидум лесни, а всушност бараат голем напор. Многубројни се предизвиците со кои се соочувам. Некои се полесни, некои потешки, но штом створиш навика на работење и живеење како балерина, предизвиците се совладуваат, стануваат рутина и ги доживувам како дел од секојдневието – објаснува Ева.

Што сè треба да издржи една млада балерина?

Таа набројува што сè треба да издржи една млада балерина: секојдневно повеќечасовно вежбање во балетска сала, да се воздржиш од многу дружби и забави со своите врсници бидејќи времето е луксуз, а енергијата која ти треба за следниот ден е скапоцена, да се воздржиш од слатки бидејќи мора да внимаваш на исхраната, отечените стапала и модрите нокти, моментите кога варијацијата едноставно не ти оди од прва и си мислиш дека нема да успееш, па паѓаш, па стануваш и така сè од почеток … Ова е само дел од пакетот кој го носи балерината.

– Но, јас на сева ова не гледам како напор или откажување. Напротив, за мене тоа е вложување во себе, во мојот напредок, бидејќи цврсто верувам дека само со упорна работа и добар тим кој работи со тебе, успехот е загарантиран. Моето мото е дека трудот и работата не остануваат незабележани – децидна е Ева.

Најголемата поддршка безрезервно ја добива од своите родители. Во добро и лошо секогаш се тука за неа, ù го чуваат грбот поддржувајќи ги нејзините одлуки. Сите предизвици се полесни со нивниот совет и добар збор. Подготвени да одат до крајот на светот за да ù помогнат да го реализирам својот сон.

– Имам прекрасни родители. И бескрајно сум им благодарна за сè. Не е тајна дека балетот е скапа уметност. Финансиите кои се вложуваат се огромни. За жал, во тек на целиот образовен процес, сè е по принцип на самофинансирање. Тоа значи дека родителите на една идна балерина треба да бидат спремни дека за балетската опрема потребна во тек на целото школување, како и за сите дополнителни школарини, обуки, натпревари, патувања, до школувања, ќе плаќаат од сопствениот џеб – објаснува Ева.

„Знам колку крв и солзи има во торбата за шпиц патики“

Во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ таа работеше под менторство на Маја Митровска-Богојевска, солистка во Националната опера и балет и хонорарен наставник во „Илија Николовски-Луј“, магистер по Балетска педагогија по методот на Агрипина Јаковљевна Ваганова (најзначајниот руски балетски педагог). Според Митровска-Богојевска, има многу талентирани деца со одлични физички предиспозиции, меѓутоа тоа не е секогаш доволно и пресудно за успех.

Маја Митровска-Богојевска

– Совладувањето на движењата од балетската лексика, од елементарни до сложени, координацијата на целото тело, соочувањето со болка при изведба, тремата пред публика, конкуренцијата … сето тоа бара и психичка стабилност и подготвеност да се надминат сите предизвици на патот кон успехот на сцена. За да се успее, треба искрено да се сака оваа исклучително убава и тешка професија/уметност – вели Митровска-Богојевска.

Според неа, улогата на балетскиот педагог е од исклучителна важност. Правилно да се постави телото на учениците, да им се наметнат добри навики, да им се втемели љубовта кон балетот, да се препознае нивниот потенцијал.

– И секако – работа, работа, многу работа! И кога имате талентирано и амбициозно дете како Ева, што умее да се носи со сите предизвици и тешкотии што ги бара оваа професија, секако е мотивација и за наставникот. Со секое учество на натпревар, семинар, летни курсеви … со секоја дополнителна работа учениците напредуваат, ги надминуваат сопствените граници и најважно се стекнуваат со незаменливо искуство и растат во секој поглед. Во соработка со мојата колешка Лора Тарчуговска, Ева има учествувано на многу натпревари и е носител на признанија и награди – раскажува Митровска-Богојевска.

На интернационалниот натпревар Миа Чорак Славенска, одржан во јули годинава, во Загреб, Ева ја добила специјалната награда – стипендија за интернационален интензивен летен курс за професионални студенти на Унгарскиот универзитет за балет кој го реализирала летово во август. На натпреварот одлично се претставиле сите 10 ученички од „Илија Николовски-Луј“, од класите на професорките Слаѓана Спасеновска, Дафина Данилоска-Кочевска (освоено 1. и 2. место и стипендија за школување на Interlochen Centre of Arts – САД) и Илинка Накова.

Маја Митровска-Богојевска и Ева Десоска

– Секогаш сме ја имале поддршката од раководствата на „Илија Николовски-Луј“ и Националната опера и балет за отстапување на простор (сала/сцена) или балетски костим. За жал, не можам да кажам дека државата партиципира за талентирани деца да стигнат до високо професионални натпревари, кои понатаму можат да им отворат многу врати. Желбата на Ева да ја продолжи својата едукација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Манхајм и подготвеноста да ја положи аудицијата на која си само број, мене ме прави бескрајно горда и среќна. Фактот што на истиот универзитет пред три години беше примен мојот ученик Бојан Димовски секако е потврда за мојата педагошка работа. Сигурна сум дека Ева ќе ги наполни куферите со нови знаења и искуства, и верувам дека ќе продолжи да блеска на сцена каде и да е, а јас посакувам да ја видам на нашата, домашна сцена. Се радувам за успесите на Ева и на сите мои ученици како за сопствени деца. Зашто знам колку крв и солзи има во торбата за шпиц патики, зашто знам дека родителите се подготвени да направат сè за своето дете да успее и да биде среќно – вели Митровска-Богојевска.

За искуството на филм

Ева успеа да ја помине аудицијата во конкуренција од 70 кандидати. Вели дека пресудно било знаењето. Долгогодишната работа во балетската сала, одличното познавање на балетските техники кои ги изучувала со својата професорка Маја Митровска-Богојевска.

– Таа ми го пренесе безрезервно своето знаење за техниката на Аграпина Ваганова што се негува во целиот образовен процес во ДМБУЦ. Пресудни беа трудот и упорноста кој секојдневно го вложував и работев дополнителни часови и проби во Националната опера и балет како и работата со мојата менторка Лора Тарчуговска. Љубовта кон мојата професија ми помогнаа да бидам чекор поблиску до остварување на мојот сонот и да продолжам да се школувам во Европски центар како што е Универзитетот во Манхајм – вели Ева.

Таа имаше улога на дублер на главната женска улога во филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Ева вели дека е благодарна за можноста да соработува со високо професионална продукција на еден извонреден филм.

– Имав претходно искуство како статист и приближно бев запознаена со процесот, но сепак како дублер на главната улога беше поразлично. Имав можност подлабоко да ги набљудувам подготовките за снимање на една сцена, небаре цел филм. Ја играв улогата на Црниот лебед кој подоцна одлучив да го играм и за мојот матурски концерт. Можноста да ја спојам балетската уметност со филмот за мене беше непроценливо искуство. А дали се гледам себеси на филмското платно, можам да кажам дека сум отворена кон идејата. Цел тој процес е посебен и магичен – вели Ева.

Таа деновиве ги поминува во Манхајм, импресионирана од самиот Универзитет кој ги овозможува сите услови потребни за развој на една успешна балерина. Досега работела со неколку професори и нивната стручност, срдечност и желбата да го пренесат сето свое знаење кон студентот е навистина импресивна.

– Државата финансиски ги помага студентите преку осигурување на студентски попусти во сите значајни институции. Манхајм е прекрасен град, со паркови буквално на секое ќоше. Тој е студентски град и побарувачката за сместување е огромна. Студентските домови се преполни. За почеток сум сместена во изнајмен стан – раскажува Ева.

А каде се гледа себеси за пет години, вели дека не размислува скромно за својата иднина.
– Се гледам на некоја од светските балетски сцени во главната улога како примабалерина – завршува Ева.

The post Балерината Ева Десоска со многу труд го заслужи своето место на Универзитетот во Манхајм first appeared on УМНО.МК.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro