Почеток МАКЕДОНИЈА Блажевска: Добрососедство за почетници – Кога „победата“ станува Пирова

Блажевска: Добрососедство за почетници – Кога „победата“ станува Пирова

Курир
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Какви се шансите за добрососедството, патувања и контакти меѓу граѓаните на двете земји, по последните пораки разменети меѓу Софија и Скопје, а по исходот и пораките од гласањето во Европскиот парламент за извештајот за Македонија? Ова е меѓу ретките прашања за кое на домашен терен нема различни одговори, пишува КАТЕРИНА БЛАЖЕВСКА ЗА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ.

„Апсолутно никакви“, без трошка двоумење вели Бојан (35) од Скопје. Разгледувајќи дали и колку туристички понуди има за летување во источната сосетка (помалку, повеќе или исто колку и за другите земји), го затекнавме младиот скопјанец како го откажува аранжманот за летување во Бугарија.

„Планиравме летово да одиме во Бугарија, конкретно во Несебар. Пред две недели уплативме аранжман за втората половина на август, заедно со уште едно семејство, наши пријатели, и сега штотуку го откажавме. Ни се допаѓа црноморското крајбрежје, сме биле три пати досега, со две мали деца. Но повеќе не би оделе во земја која нѐ негира, односно ‘дозволувa’ да бидеме тоа што сме само по 1944 година. Ни претходно не беше многу поразлично, но ги игнориравме таквите изјави. Сметавме дека се предизборни, бидејќи долго време немаа влада. Но сега имаат влада. Претераа со омаловажувања, ги преминаа сите граници. И ние веќе нема да  ја поминуваме нивната државна граница“, резигнирано вели тој.

Според бугарскиот национален статистички институт, минатата година имало вкупно 406.199 посети од граѓани на Македонија на Бугарија, од кои речиси една четвртина отпаѓаат само на транзит. Туристичките посети без транзит изнесуваат 329 илјади, што е за 1,1% помалку во споредба со 2023 година. Од нив 153.292 биле со реализирани ноќевања, 52.990 со преноќување, што значи дека останатите околу 100 илјади посети биле еднодневни. Споредбено, ако во периодот јануари – април 2019 година имало 43.773 посети од македонски граѓани во Бугарија, во 2024 година биле 22.227, а во 2025 година 23.664. Разликата меѓу јануари – април 2019 година и истиот период во 2025 година е минус 45,9%, што покажува дека посетите речиси се преполовиле. А тоа е токму периодот на вета, објаснувачки меморандуми и бугарски декларации, со кои наместо односите да се унапредат, доживеаја историско назадување.

Бугарската позиција – исклучително непопуларна

Но, се чини дека последната  „слатка победа“ на Бугарија во ЕП е најгорчлива за Бугарите. Од бројните реакции евидентно е дека таа воопшто не води кон целите за кои Софија барем декларативно се залага – пријателство, добрососедство, соработка, поддршка на македонската интеграција во ЕУ…  По првичната убеденост дека „Бугарија покажала оти е фактор во  ЕУ  и нема да дозволи никој да си поигрува со неа”, доаѓаат моменти на отрезнувања.

„Вистината е дека бугарската позиција е крајно непопуларна и неразбирлива, а поддршката за неа е резултат на френетичен напор од страна на сите наши европратеници. Успех, што ќе биде многу тешко да се повтори“, пишува на Фејсбук бугарскиот европратеник Радан Канев.

И неговата анализа страда од познатиот манир  – не може да се каже ни една реченица, без да се спомнат Белград и Москва.

„Вистината е дека нашата позиција е слаба, затоа што самите не знаеме што сакаме. Немаме јасна политичка цел во процесот на присоединување на  Северна Македонија.  Немаме политички пораки што би ја потврдиле блискоста меѓу двата народа,  а не да ја прошируваат бездната ископана однадвор,  од Белград и Москва“, смета Канев.

Само во периодот од 2017-2020 година, според него, имало надеж дека времињата на партнерство и пријателство ќе се вратат, но, управувањето од двете страни на границата не се покажало на нивото на политичарите од две децении порано (Иван Костов и Петар Стојанов, и Љубчо Георгиевски и Борис Трајковски).

Канев признава дека токму со силата и поддршката што ја дава членството во ЕУ,  Бугарија постигнала успех  во ЕП,  кој може да го искористи за да го врати дијалогот, или да го потроши во триумф на злорадост, губејќи ги дури и остатоците од европска поддршка. Признава дека и дебатата во бугарскиот парламент не дала особена надеж.

„Провинцијална партизанштина, која се граничи со простотија.  Негирање на современиот македонски идентитет  од едни (спротивно на сè со кое ги убедувавме нашите колеги во ЕП), територијални претензии од други, осуда на ‘францускиот предлог’ од речиси сите“, ја опишува тој дебатата, а потсетувајќи дека токму „францускиот предлог“ е основата за успехот на Бугарија.

Сугерира дека во иднина се потребни разум, молчење, стратешко размислување и пред сѐ – целосно откажување од внатрешнополитичка злоупотреба на „македонското прашање“.

Пирова победа

Со ставовите на европратеникот Канев се согласува Николај Василев, поранешен бугарски министер.

„Ако продолжиме со смешното  ‘каков македонски идентитет и јазик’,  ќе генерираме гнев крај Вардар, расколебување во европскиот идентитет на РС Македонија и уште поостро непријателство кон Бугарија”, оценува Василев.

„Кога Бугарија го наметна ветото, кога излезе со смешниот Меморандум, кога Бугарската академија на науките излезе со своите неадекватни позиции, предвидов нова национална катастрофа. Вклучувањето на Македонија во т.н. ‘српски свет’ или нејзината долготрајна изолација од ЕУ, ќе биде токму тоа. Продолжиме ли со смешното – ‘Каков македонски идентитет? Каков македонски јазик? Гледајте си ја вашата историја по 1944 година!’ – нè чека тежок пораз“, оценува тој во колумна под наслов „Пирова победа за бугарската дипломатија“, објавена во Фактор.бг.

Ни тој не отстапува од бугарските ставови за Македонија, но смета дека сѐ може да се направи на помек начин.

„Ако сакаме да се вратиме кон духот на Илинденскиот договор од први август 2017 година, треба да се сетиме дека тој формулира две држави, два народа со заедничка историја (заедничко културно и историско наследство). Никој не може да го украде од другиот. Но и никој не треба да го преиначува. Како што напишав, современите Македонци имаат целосно право да се идентификуваат со Гоце Делчев, со Кузман Шапкарев, со браќата Миладиновци итн., без да се сметаат себеси за Бугари, но и без да го негираат својот бугарски идентитет во контекст на епохите. И современите Бугари мора да сфатат дека без изградбата на македонската нација – овие личности можеа целосно да бидат заборавени покрај Вардар!“, оценува Василев.

За успех – фокус врз иднината

Додека актуелни и поранешни политичари анализираат каде се згрешило, над 30 студенти по политички науки и меѓународни односи на летна школа во Софија учат како да се надминат конфликти и преку дијалог да се решаваат проблемите. Иницијативата е на Француско-германското биро за млади, а во школата има учесници од четири универзитети, меѓу кои и од Бугарија и Македонија. Меѓу дел од активностите, е симулација во која Бугарите треба да ја претставуваат Македонија, а Македонците – Бугарија, односно да не ги гледаат работите само од една страна, туку и од позиција на другиот.

Во школата учествуваат и студенти од Франција и Германија, не само поради тоа што следните средби ќе се одржат во Париз и Берлин, туку и поради искуствата од успехот на Франција и Германија да го префрлат фокусот од минатото кон иднината, и да отворат одлична перспектива за соработка.

ЦЕЛАТА АНАЛИЗА НА КАТЕРИНА БЛАЖЕВСКА ЗА ДВ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro