Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска разговараше со шефот на јорданската дипломатија, Ајман Сафади, а двајцата официјални претставници истакнаа дека е важно да се обезбеди ослободување на сите заложници во Газа, како и да се олеснат страдањата на палестинскиот народ и да се стави крај на војната на начин што ќе донесе мир за Израелците и Палестинците, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Според Стејт департментот, Блинкен му се заблагодарил на Јордан за олеснувањето на испораката на критично важна хуманитарна помош за палестинските цивили во Газа.
Двајцата официјални лица разговараа и за ситуацијата во Либан, каде што повеќе од 2.000 луѓе беа убиени, а 1,2 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во последните недели поради израелските воздушни напади.
Десетици илјади Израелци, исто така, беа принудени да ги напуштат своите домови во северен Израел поради речиси постојаното ракетирање од Хезболах и други антиизраелски групи со позиции во јужен Либан, се вели во соопштението.
Како што се додава, Блинкен и Сафади разговарале и за потребата од постигнување дипломатско решение на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, со што целосно ќе се примени резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и ќе се овозможи на цивилите од двете страни на „сината линија“ да се вратат дома.
„Сината линија“ ја претставува демаркационата линија што го дели Либан од Израел и Голанската висорамнина, а е воспоставена во 2000 година, при повлекувањето на израелската армија од Либан.