Професорката Билјана Ванковска го прокоментира предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски за заедничка декларација со Бугарија во врска со македонскиот јазик и идентитет. Професорката го опиша со сарказам како „генијален“.
-Но, не можам да се воздржам и да не додадам дека овие решиле да нѐ сотрат. Исто толку „генијален“ предлог им е и оној за промена на Уставот со одложено дејство (среќа што ЕУ не го прифаќа иако професорката по уставно право и едно време патриотка, а сега само претседателка на културата, се залага за него).
Ако мислевме дека СДСМ нѐ продаде, овие нѐ распродаваат како пред затворање на дуќанот. Толку да се нема чувство за национален дигнитет и да се лигави пред еден циркус како ЕП/ЕУ е тешко да се свари, стои во објавата на Ванковска.
Во петокот, потпретседателот на Собранието и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, ја разработи идејата што во интервју ја даде премиерот Мицкоски. Тој даде еден предлог кој изгледа невозможен – самиот бил подготвен заедно со Бугарија, преку бугарските пратеници во Европскиот парламент, да поднесе резолуција во која „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик… и да почнеме да испорачуваме“.
Според Милошоски, оваа отворена понуда Мицкоски ја дал и до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада.
-Уште веднаш можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнување на европските интеграции. Понудата што е дадена од премиерот Мицкоски е отворена, истакнува тој.
Сепак, додава дека постои доза на скептицизам дали ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи изгледа дека некои нивни владини претставници имаат задни намери, односно дека отворањето на Уставот може да биде само почеток за други барања и изговори за идни блокади.
Мицкоски преку предлогот смета дека конечно би се ставил крај на отворените прашања и недоразбирања што со години го оптоваруваат европскиот пат со Македонија. Според него, суштината не е во вметнувањето на неколку стотици граѓани во Уставот, а при неговите посети на Брисел се обидувал да ја претстави сржта на проблемот кој трае со децении.
The post Ванковска за предлогот за заедничка резолуција со Бугарија: Ако мислевме дека СДСМ нѐ продаде, овие нѐ распродаваат како пред затворање на дуќанот appeared first on Локално.