Во далечната 1959 година, 12 млади луѓе, студенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одлучуваат да го основаат Академскиот кино клуб. Овие филмски сонувачи, шетајќи по кејот на Вардар, капејќи се во него и во реката Треска (и на базенот во Сарај), ги снимија своите први филмови, искажувајќи ја својата страст кон животот и филмската уметност. Во Скопје, тогаш, воздухот мирисаше на липи…
Оттогаш, низ клубот поминаа многу вљубеници во филмот, оставајќи зад себе мали ремек дела. Сите тие, филмски ентузијасти, делеа една заедничка љубов кон седмата уметност. Со својата енергична филмска активност, покрај создавањето филмови, членовите на клубот создадоа и филмски фестивал, со завидно учество на автори од целиот свет. Фестивалот се викаше ОСФАФ, и истиот дочека дури 22 изданија.
Денес клубот нема повеќе свои простории, воздухот во Скопје мириса на се, само не на липи, низ Вардар и Треска тече вода, само не бистра како некогаш, на базенот во Сарај нема капење, а и ОСФАФ повеќе го нема… Меѓутоа, нешто уште постои, а тоа е Академскиот кино клуб и неговите активни членови, кои сè уште прават свои филмови во какви-такви услови и го делат истиот филмски ентузијазам и љубов кон седмата уметност како некогаш.
Вечерва, со почеток во 20:00 часот, со проекција на првиот и последниот филм снимен од страна на членовите на клубот, ќе бидат одбележани 65 години од основањето на Академскиот кино клуб од Скопје
– ПРВ ДАВАМ КАМЧЕ (1959 г.) – снимен и реализиран од група автори, основачи на АКК-Скопје
– ЦРВЕНИ РОЗИ (2024 г.) – автор: Петре Чаповски
Во вториот дел од програмата ќе бидат прикажани филмови од Официјалната селекција од 32-от Хрватски фестивал на едноминутни филмови, одржан во Пожега, Хрватска, 2024 година. Проекцијата ќе опфати 60 едноминутни филмови кои годинава беа во официјална конкуренција.
The post Вечерва во Кинотека ќе бидат одбележани 65 години од основањето на Академскиот кино клуб од Скопје, со проекција на првиот и последниот филм снимен од страна на членовите на клубот appeared first on ekran.