Либанската вооружена група Хезболах објави дека генералниот секретар Хасан Насрала, убиен во израелски воздушен напад на јужното предградие на Бејрут пред повеќе од еден месец, ќе го наследи неговиот заменик Наим Касем. Групата во соопштение за печатот напиша дека нејзиниот совет Шура го избрал 71-годишниот Касем во согласност со воспоставениот механизам за избор на генерален секретар.
Тој беше назначен за заменик лидер на Хезболах во 1991 година од тогашниот генерален секретар Абас ал-Мусави, кој беше убиен следната година во напад на израелски хеликоптер.
Касем ја задржа својата позиција кога Насрала стана лидер и долго време беше еден од водечките портпароли на милицијата, давајќи интервјуа за странски медиуми, вклучително и за време на минатогодишните прекугранични судири со Израел.
Насралах беше убиен на 27 септември, а високиот функционер на групата Хашем Сафиедин, кој се сметаше за негов најверојатен наследник, беше убиен во израелските напади една недела подоцна. Од убиството на Насралах, Касем имаше три телевизиски обраќања, вклучително и на 8 октомври кога рече дека вооружената група ги поддржува напорите за постигнување прекин на огнот во Либан.
Многумина во Либан веруваат дека тој ја нема харизмата и тежината што ги имаше Насрала.
„Неговиот мандат би можел да биде најкраток во историјата на оваа терористичка организација доколку ги следи стапките на неговите претходници Хасан Насралах и Хашем Сафиедин. Нема друго решение во Либан освен отстранување на оваа организација како воена сила“, напиша израелската влада на арапски на својот официјален профил на социјалната платформа Х.
Кој е Наим Касем?
Наим Касем, долгогодишен заменик-лидер на Хезболах, е централна фигура во либанската шиитска милитантна група од нејзиното формирање. Роден во 1953 година во Кфар Кила, село во јужен Либан, Касем играше клучна улога во обликувањето на политичките и воените стратегии на Хезболах со децении. По смртта на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, Касем беше позициониран како потенцијален наследник, и денеска е прогласен за нов лидер на Хезболах.
Ран живот и улога во основањето на Хезболах
Наим Касем ја започнал својата „кариера“ во 1970-тите како член на Движењето Амал на Имам Муса ал-Садр. Неговата рана вклученост во либанската политика вклучувала помагање во основањето на „Движењето на обесправените,“ кое се залагаше за правата на маргинализираните шиити муслимани во Либан. Подоцна станал еден од основачите на Хезболах во 1982 година, заедно со истакнати личности како Абас ал-Мусави и Хасан Насрала.
Течно зборува француски и има диплома по хемија од Либанскиот универзитет.
Подемот во Хезболах
Касем беше назначен за заменик генерален секретар на Хезболах во 1991 година.
Тој е и член на Шура-советот на Хезболах и ги надгледува парламентарните и владини активности на групата. Во текот на својата работа, Касем одржувал блиски врски со Иран, главниот поддржувач на Хезболах, и бил клучен за воената вклученост на Хезболах во сириската граѓанска војна, како и за долгогодишниот конфликт со Израел.
Политичко и воено влијание
Со години, Касем е препознаен како водечки медиумски претставник и идеолог на Хезболах. Во 2004 година ја објави книгата „Хезболах: Приказната од внатре“, во која детално ја опишува историјата, идеологијата и политичката визија на групата. Книгата е преведена на неколку јазици, дополнително зацврстувајќи ја неговата улога како интелектуално лице на Хезболах.
Во последните месеци, Касем одигра клучна улога во насочувањето на воените операции на Хезболах во услови на зголемени тензии со Израел. Тој јавно изјави дека Хезболах е целосно подготвен за поширок конфликт со Израел доколку ситуацијата во Газа се влоши.