Полската радио станица OFF Radio Krakow ги отпушти сите новинари и ги замени со вештачка интелигенција (AI). Станицата со седиште во Краков го нарече овој потег „првиот експеримент во Полска“, каде што новинарите се заменети со виртуелни ликови генерирани од технологијата за вештачка интелигенција.
Ваквата одлука предизвика бурни реакции во јавноста, особено откако поранешниот новинар на оваа телевизија, Матеус Демски, објави отворено писмо во кое го критикува ваквиот пристап и го означува како „опасен преседан“. Според него, преминот од луѓе кон вештачка интелигенција претставува сериозен ризик за работните места во креативните индустрии, вклучувајќи го и новинарството. Демски, кој работеше во станицата од февруари 2022 година и интервјуираше Украинци кои бегаа од војната, беше отпуштен заедно со уште десетина колеги во август оваа година.
Вршителот на должноста директор на станицата, Марчин Пулит, истакна дека причината за отпуштањето на новинарите е малиот број на слушатели, а не имплементацијата на AI технологијата. Воведени се нови „презентери“ на вештачката интелигенција за да привлечат помлада публика и да покриваат теми поврзани со културата, уметноста и социјалните прашања, вклучително и правата на ЛГБТК+ заедницата.
Демски откри дека до средата наутро, повеќе од 15.000 луѓе потпишале петиција против одлуката на станицата, додека стотици луѓе, главно помлади, изразиле незадоволство и загриженост поради промената. Меѓу критичарите е и Кшиштоф Гаковски, полскиот вицепремиер и министер за дигитални прашања, кој на социјалната мрежа Х изјави дека треба да се донесе закон за регулирање на употребата на технологијата за вештачка интелигенција во медиумите.
„Иако сум поддржувач на развојот на вештачката интелигенција, верувам дека се повеќе се преминуваат одредени граници“, напиша Гаковски, нагласувајќи дека вештачката интелигенција мора да се користи за доброто на луѓето, а не против нив.
Еден од најконтроверзните моменти беше кога станицата емитуваше „интервју“ кое го водеше верзијата со вештачка интелигенција на Вислава Шимборска, позната полска поетеса и добитничка на Нобеловата награда за литература. Претседателот на Фондацијата „Вислава Шимборска“, Михал Русинек, ја одобри употребата на името на поетесата за ова интервју, посочувајќи дека со оглед на нејзината смисла за хумор, веројатно ќе ужива во овој вид на експеримент.