Авантуристот Маршал Мошер на својот Инстаграм профил објави видео од куче кое трча на врвот на Кеопсовата пирамида во Египет.
Качувањето на Кеопсовата или која било друга пирамида во Египет е забрането, па Маршал решил да го набљудува од параглајдер и видел глетка која му изгледала нереална.
Многумина од неговите следбеници биле целосно збунети бидејќи не сфатиле како кучето успеало да се искачи на пирамидата висока 138 метри. Непознатото куче ги освои социјалните мрежи, а многумина на шега коментираа дека цел Египет е негов, како и дека Кеопсовата пирамида сега е негова.
По овие сцени се огласил Ибрахим Елбендари од Фондацијата за спасување на животните од Каиро кој го препознал кучето и рекол дека се грижат за него и дека се вика Аполо.
View this post on Instagram
Станува збор за тригодишно куче кое живее во глутница во горните делови на античкиот комплекс во Гиза, а решило да се искачи на пирамидата бидејќи изгледало како безбедно место.
Елбендари изјави дека Фондацијата се грижи за сите улични кучиња и други животни во оваа област и дека се надева оти Аполо ќе биде причина надлежните да почнат повеќе да се грижат за животните.