Екипата на Вардар е единствениот македонски претставник кој во Европа тргна со победа. Црвено-црните ја оправдаа фаворитската улога и славеа високо со Ла Фиорита од Сан Марино (3-0), па со едната нога се во следната фаза на Конференциската лига на УЕФА.
- Извештај од натпреварот:
Иако се мачеа едно полувреме, во вториот дел избраниците на Гоце Седлоски го скршија отпорот на дефанзивниот ривал и се обезбеди солидна залиха пред гостувањето во Сан Марино следната седмица каде ќе се оди да се верификува втората рунда. За вардарци, ова беше прва победа по онаа историската со Фенербахче во Турција во 2018 година, по седум порази и една нерешена.
Во првиот дел Вардар беше поактивен, имаше повеќе шанси, но не можеше да погоди. Фалеше креација во нападот, се обидоа Матиќ, Маневски и Тодоровски да погодат, ама голманот Заволи им ги прочита шутевите и го остави мечот во Скопје без голови по првите 45 минути. Тоа беше аларм за Седлоски, кој ги внесе во игра крилните напаѓачи Кастенада и Мато, кои веднаш ја раздвижија играта и се дојде до гол.
Во воведните минути од вториот дел, во 47. минута, Азер Омерагиќ покажа одлична реакција и погоди со волеј за 1-0 по една нафрлена топка од десната страна, па следеше уште еден „блиц-криг“ за верификација на триумфот. Во 66. и 68. минута, во мрежата на аутсајдерот се дадоа уште два гола, првиот беше автогол на Мацоти по шут на Јанкулов, а вториот го даде Роџерс Мато со шут по земја и прослави со „Комитите“.
Триумфот на Вардар можеше да биде и поубедлив, но голманот Заволи ги одби налетите од страна на домашната екипа, за конечни 3-0. Реваншот меѓу Ла Фиорита и Вардар во Сан Марино се игра на 17 јули.
www.gol.mk