Фудбалерите на Работнички се радуваа на победа над Пелистер (2-1) во рамките на 28. коло на ПМФЛ. Дури по пресврт домаќинот успеа да го скрши отпорот на тимот предводен од Срѓан Захариевски. Поведоа битолчани преку Мирко Ивановски, а потоа Гандо Биала со два погодоци донесе пресврт и победа.
- Головите од натпреварот:
„Романтичарите“ поконкретно го отворија мечот и се обидуваа да креираат шанса за гол. Првиот удар го имаа преку Енианг во петтата минута, ама тој заврши крај голот. Потоа домашните имаа закана преку Аломеровиќ над голот, а следуваа и неколку полушанси на двете страни. Добра закана пред гостинскиот гол понуди шутот на Манојлов откосо, но голманот Јовчевски убаво интервенира. Пелистерци се „најавија“ со шанса преку Мирко Ивановски кој биеше отсвртување непрецизно.
Течеше 39. минута од средбата кога Пелистер успеа да го отвори резултатот, а стрелец беше капитенот Ивановски. По едно уфрлување во шеснаесетникот Тарасенко со глава спушти топка која леташе во гол-аут, таа падна пред искусниот напаѓач кој стрела за 0-1 резултат кој беше активен на полувремето.
Продолжи Работнички да притиска и во вториот дел, а кулиминацијата дојде за неколку минути. Откако домашните имаа поништен гол на Аден поради милиметарски офсајд, следуваше израмнувачки погодок на Гандо Биала. Камерунецот доби нафрлена топка на пеналтикот и одлично се снајде, па со глава го матира Јовчевски за 1-1 во 65. минута. Домаќинот не отстапи од офанзивниот пристап и го притисна ривалот. Во завршницата Робакидѕе беше во главна улога во два наврати. Прво Грузиецот се обиде да симулира удар со глава сакајќи да изнуди казна за противнички фудбалер, а потоа имаше и одлична шанса во која ја погоди стативата. Дури во 88. минута Работнички успеа да го комплетира пресвртот и стигна до 2-1 со вториот погодок на Гандо. Овојпат Далеј проби по левата страна и упати ниска топка на пеналтикот, па оттаму камерунскиот напаѓач ја пренасочи во мрежата.
Со оваа победа Работнички стигна до 52 бода и го искористи ремито на Гостивар (48) и Струга (46). Од друга страна, пелистерци со 29 бода се на само пет над зоната за опстанок.
www.gol.mk