Легендарниот британски музичар Ози Озборн почина на 76-годишна возраст по долга и сериозна болест. Низ повеќедецениска кариера, тој остави силен белег во светот на музиката, а меѓу неговите бројни успеси, се издвојува хитот „Paranoid“.
Имено, станува збор за песна што ја снимил со бендот Black Sabbath, која денес има повеќе од 330 милиони прегледи на YouTube.
Во 1970 година, бендот бил во лондонско студио, снимајќи го својот втор студиски албум кој првично требало да се вика „War Pigs“. Продуцентот Роџер Бејн потоа посочил дека на албумот му недостасува уште една пократка и побрза песна за да се комплетира должината на плочата.
Врз основа на тоа, гитаристот Тони Ајоми спонтано смислил препознатлив гитарски риф за само дваесет минути. Остатокот од бендот брзо одговорил – Гизер Батлер го напишал текстот, а Ози Озборн ги отпеал вокалите.
Иако песната првично беше замислена како едноставен филер, нејзиниот потенцијал веднаш беше препознаен. Токму затоа беше одлучено целиот албум да се преименува во „Параноид“.
Интересно е што „Параноид“, иако беше создаден брзо, носи силна и темна порака. Текстот зборува за внатрешен немир, депресија и чувство на изолација. Во една од строфите, Озборн пее: „Ти велам да уживаш во животот / Сакам да можам, но е предоцна“, јасно изразувајќи чувство на безнадежност и емоционална борба.
Текстописецот Гизер Батлер подоцна објасни дека не му е дијагностицирана параноја, туку го користел терминот како симбол на внатрешна борба и ментален слом, што ѝ давало на песната дополнителна длабочина и препознатливост.