Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.
Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.
Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.
Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.
„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.
Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.
Работата на Мизогучи го отелотворува она што многумина го сакаат во јапонскиот филм – суптилност, емоции и елеганција. Неговото влијание може да се види и кај современите режисери, како Хироказу Коре-еда, кој го комбинира секојдневниот живот со длабоки емотивни слоеви. Восхитувањето на Скорсезе кон Мизогучи е уште еден доказ за неговата длабока поврзаност со филмската историја – и неговата непоколеблива почит кон мајсторите на визуелното раскажување приказни.
Текстот (Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата е превземен од МАКФАКС.