Советниците во Град Скопје, Драгана Велковска и Горјан Јовановски од Зелен хуман град поднесоа иницијатива за мораториум за внесување на нови животни во скопската Зоолошката градина која ќе се разгледува на седницаta на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврток.
Причината за ваквиот чекор како што се образложува во иницијатава се тоа што според достапните информации во Зоолошката градина во 2022 и 2023 година угинале вкупно 18 животни и тоа: два волка, златен фазан, две жирафи, тигрица, два лемура, три пржевалски кољи, еланд антилопа, црн лебед, три пингвини, џуџеста коза, берберска овца и белоглав стрвинар.
– Бевме сведоци и на масовно колење на 10 коњи со образложение дека биле болни. Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов, во јули 2022 година – стои во иницијативата.
Дополнително, како причина се наведува и тоа што скопската Зоолошка градина го загуби кандидатскиот статус во ЕАЗА, со официјално образложение дека таа сеуште не ги исполнува стандардите за полноправно членство во повеќе области меѓу кои: безбедноста, образовната сигнализација и планот за едукација, чување на евиденцијата и придонесот за конзервација.
При тоа, се додава дека состојбите во Зоолошката не се ништо ново и оти тие опстојуваат со години, а од година во година прогресивно се влошуваат.
Од тие причини, се задолжува скопската градоначалничка, во соработка со адлежните служби на наредната седница на Советот да му достави предлог – одлука со која ќе се запре секакво внесување нови животни во Зоолошката од датумот на усвојување на предлог – одлуката.
(А.П.)