НУ Центар за култура-Битола, организатор и домаќин на фестивалот „Илинденски денови“, промовира изложба, фото споменар „Војводите од Комитското“.
На 21 фотографија од фото архивата на Центарот за култура, со избрани моменти од изведбите на орото „Комитско“, во битолската „Магаза“ за јавноста достапни се сведоштва за сите поединци кои биле во улога на војвода во „Комитското“, истакна м-р Љупка Стефановска, координаторка на изложбата.
-Во глувите времиња, кога ехото на песната можеше да значи крај, комитите ја создадоа „Комитската легенда“, оро без звук, но полно со сила. Во 1971 година, орото „Комитска легенда“ станува дел од репертоарот на КУД „Илинден“-Битола, пренесено од ансамблот „Танец“, преку битолчанецот Дончо Ефремов. Од тогаш, се до денеска, „Комитското“ е нераскинлив белег на фестивалот „Илинденски денови“, истакна Стефановска.
Како што е познато, со орото „Комитска легенда“ секоја година се отвора фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, а годинешната свеченост е закажана за 26 јули на платото од Офицерскиот дом во Битола.