Во делчевското село Тработивиште вчера по четврти пат се одржа манифестацијата „Зелкаријада” која ја промовира најзастапената земјоделска култура што се децении се одгледува на овие простори.
– За разлика од првата година кога на манифестацијата имавме помалку гости како за почеток, од година во година манифестацијата прерасна во настан со повеќе учесници. Веќе имаме повеќе посетители и затоа решивме да претставиме се што се произведува од овој крај, значи се враќаме на традиција на старите рецепти со акцент на зелката – истакна Сузана Новоселска од село Тработивиште.
Во Тработивиште околу десетина семејства произведуваат зелка, а интересот со тек на времето, како што додадва Новоселска, се враќа во последните неколку години.
На годинешната „Зелкаријада“ учествуваа и гости од Бугарија и Србија.
– Ние подготвуваме само автентични јадења и изведуваме само автентичен фолклор и се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи. Домаќините ни ги овозможија сите продукти, а се надевам дека нашата понуда ќе им се допадне на гостите – истакна гостинка од Логодаж, Бугарија.
– Ние како што е и името на самиот настан „Зелкаријада“ подготвуваме зелка со месо. Околу 5,6 часа се подготвува овој рецепт. Имаме добро гостопримство се надевам и понатаму ќе соработуваме – истакна Далибор Вуксановиќ, учесник на настанот од Чачак,Србија.