
направени од негови пријатели, ексклузивно за „Нова Македонија“
Живот посветен на велосипедите. „Зошто да патувате до центарот на градот за да го сервисирате вашиот велосипед, кога јас ќе дојдам во вашата куќа, на работното место или каде било на друго место каде што сакате? Моето семејство и јас ја сакаме Македонија и постојано кажуваме пофалби за неа пред нашите пријатели и семејство во САД!“, вели Бен
АМЕРИКАНЕЦОТ БЕН ХАРКНЕС, МОБИЛЕН СЕРВИСЕР НА ВЕЛОСИПЕДИ, ОД САД СЕ ПРЕСЕЛИ ТРАЈНО ВО СКОПЈЕ СО СЕМЕЈСТВОТО
Американецот Бен Харкнес (43 години), кој целиот живот го посветил на велосипедите, годинава одбележува 20 години како вработен во престижни продавници за велосипеди. Најголемиот дел од тие 20 години работи како сервисер на велосипеди. Носејќи со себе опрема за сервисирање, тој оди во домовите на клиентите, каде што ги поправа нивните велосипеди. Но она што е особено интересно за нас е дека тој во последните две години, од летото 2023 година, го прави тоа во, како што тој ја опишува, прекрасната Македонија. Имено, тој сега живее во Скопје со сопругата и трите деца, каде што се досели од родната татковина САД и каде што се надева дека ќе остане да живее и да продолжи да напредува во својата работа!
За Бен, кој во моментов можеби е единствениот мобилен сервисер за поправка на велосипеди во Македонија, поправањето велосипеди е повеќе од само работа. Тој е одличен пример како работата со велосипеди лесно може да стане начин на живот. Бен ужива во решавањето проблеми со велосипеди и во помагањето на клиентите да ги решат нивните проблеми. Пред да се роди Бен, неговиот татко Пол бил механичар на автомобилскиот гигант „Форд“.
– Татко ми редовно ги одржуваше возилата на семејството, а кога јас имав околу пет години, почнав да му помагам. На почетокот беа мали работи: држејќи го фенерчето, додавајќи го точниот клуч кога му требаше… Ова искуство и опсесијата со мотоцикли, која ја добив на млада возраст, ме натераа да градам и да поправам секакви работи. Во средно училиште почнав да реставрирам класични американски автомобили под менторство на еден драг пријател, Бил, кој ме научи толку многу – не само за автомобилите туку и што значи да се биде следбеник на Исус и човек. Кога завршив средно училиште, не знаев што сакам да правам. Скокав од работа на работа неколку години. Потоа, во 2005 година, ја добив мојата прва работа во продавница за велосипеди. Бев заљубен! Открив каква ќе биде мојата кариера. Оттогаш работев во речиси секоја можна позиција во продавница за велосипеди, но го најдов својот дом во сервисот – почнува Бен да ја раскажува својата приказна, за својот живот и работа и за поправката (сервисирањето) на велосипеди.
Во последните дваесет години, Бен се посветил на две работи. Првата е совладување на уметноста на сервисирање велосипеди од сите континенти. Втората се луѓето, кои се срцето и душата на светот на велосипедите. Тој се стреми кон совршенство во услугата за клиентите и кон одлична обука и задоволство од работата за своите вработени.
Бен е на одличен пат да го исполни својот сон. Неговото 20-годишно искуство во познати продавници за велосипеди во САД го донесе во Македонија, каде што продолжува да работи како мобилен сервисер, главно во Скопје и околните места, самостојно (преку неговата компанија), за да им служи на луѓето според највисоките стандарди.
– Ова значи дека ќе дојдам кај вас! Зошто да патувате до центарот за да го сервисирате вашиот велосипед, кога јас ќе дојдам во вашата куќа, на работното место или каде било на друго место каде што сакате? Моето семејство и јас ја сакаме Македонија и постојано кажуваме пофалби за неа пред нашите пријатели и семејство во САД! Им велам на луѓето: „Мора да дојдете овде! Возењето велосипед е неверојатно, а природата моли да се истражи!“ Сериозно, Македонија е полна со неискористени можности. Возбуден сум што сум мал дел од сето тоа! – со радост ни зборува Бен за својата работа и за Македонија.
Импресивно е што Харкнес работел во САД во две познати продавници, основани пред минимум 100 години, кои се специјализирани за поправка на велосипеди. Прво работел на различни позиции, десет години во „Норттаун“, основана во 1925 година. Во „Хол“, основана во 1898, работел речиси три години пред да се пресели во Скопје. Бен ни кажува дека мобилниот сервис за поправка на велосипеди постои низ Северна Америка најмалку од 2013 година. Тој ни ги пренесува реакциите на потенцијалните клиенти при нивните први меѓусебни телефонски разговори.
– Повеќето клиенти се изненадени и среќни што ќе дојдам кај нив дома или во нивната фирма. Тие сметаат дека е олеснување што не мора да се обидуваат да го однесат велосипедот во центарот, да најдат паркинг-место и да го остават таму. И да го прават тоа повторно кога ќе дојде време да го земат! Досега го користев мојот автомобил за да ги донесам сите мои алатки и делови до местата на клиентите за да ги поправам нивните велосипеди. Сепак, моментно правам електричен товарен велосипед што ќе ми овозможи да го правам сето ова на велосипед! Единствениот начин да се подобри поправката на велосипеди е да возите велосипед додека го правите тоа! – открива Бен за нашите читатели.
Неговите услуги во Македонија се многу добро прифатени од оние што ги користеле.
– Најважно е дека клиентите се чувствуваат како да заштедиле многу време! Тие повеќе не мора да се грижат за транспорт на велосипедот до продавницата за велосипеди, наоѓање и плаќање за паркинг, чекање неколку дена или една недела, потоа враќање во продавницата и наоѓање (и плаќање за) паркинг, враќање на велосипедот во автомобилот и за возење до дома. Јас (преку мојата фирма „Grōv Cycles“ – „Грув велосипеди“) им го олеснувам тоа. Моментно ги концентрирам моите услуги во Скопје и околните градови. Како што расте интересот, се надевам дека ќе можам да планирам еднодневни патувања до подалечни градови, за и тие да имаат пристап до висококвалитетен велосипед и квалитетна услуга – вели Бен.
Возењето велосипед е совршен начин да се истражи и одблизу да се запознае нова област.
– Кога сте на велосипед, локалното население се интересира од каде сте и каде одите, ви се отвора на многу посебен начин. Тоа е една од причините зошто велам дека велосипедите можат да го променат светот. Возењето велосипед е исклучително здраво. Не е ли тоа одлично, што нешто толку забавно и ослободувачко може да биде толку здраво? И тоа не е здраво само за вашето физичко тело, туку е здраво и за вашиот ум. Ако сум имал многу тежок ден или недела, сакам да возам велосипед. Ми помага да го задржам животот во перспектива. Ми помага да го обработам гневот што можеби го имам на конструктивен начин – го завршува разговорот мошне пријатниот соговорник, Бен Харкнес.
Живко Здравкоски
Дојдоа во Македонија да посетат пријател, а подоцна се преселија во Скопје
Бен Харкнес и неговата сопруга дојдоа во Македонија да посетат пријател неколку години пред да се преселат во Скопје, Македонија. Двајцата се заљубија во нашава земја, во која има побавно темпо на живот споредено со Америка. Тој ни зборува и за своите идни планови поврзани со Македонија и неговата работа.
– Луѓето во Македонија се многу пријателски расположени. Македонија е прекрасна. И, секако, храната е неверојатна. Добро сме прифатени. Секој што го запознавме беше многу пријателски расположен, а имаме и многу пријатели тука. Освен Скопје, воодушевени сме и од Охрид. Но, дефинитивно, во Македонија најмногу ми се допаѓаат нејзините луѓе. Нашата надеж е дека ќе бидеме во Македонија долго време! Но, секако, тоа зависи од Бога. Мислам дека нашата иднина тука ќе биде многу добра. Секој што има бизнис ќе ви каже дека не е секогаш лесно. Но јас не го работам бизнисот, ниту работам со велосипеди затоа што е лесно. Го правам тоа затоа што уживам во предизвикот и мислам дека тоа е она што треба да го правам. Ако мојата компанија стане толку успешна колку што се надевам дека ќе биде, тогаш ќе ја искористам за да започнам други бизниси или да соработувам со локални луѓе што сонуваат да поседуваат бизнис – вели Бен Харкнес за „Нова Македонија“.
novamakedonija.com.mk