В недела, во село Кучково (кај Крстот), ќе се одржи четвртата трка со препреки во Македонија, организирана од страна на Спортското здружение „Отаку“. Оваа трка е уникатно искуство за сите натпреварувачи, кои ќе можат да ја тестираат физичката и психичката подготвеност соочувајќи се со повеќе предизвици долж патеката.
Предизвикот во Кучково е трчање во должина од 13 километри, по планинска патека, совладувајќи 18 интензивни препреки. Секој учесник треба да помине низ кал, да се искачи на стрмнини, да се прекачува преку високи ѕидови, да се натпреварува во различни активности, како што се носење товар, ползење и фрлање копје.
По завршувањето на трката, ќе се одржи церемонија за наградување на најдобрите во категориите: мажи, жени и тимови.