Германија значително ќе ја зголеми својата поддршка за воздушната одбрана на Украина, вклучително и испорака на пет системи „Патриот“, муниција за противвоздушните системи „Гепард“ и финансирање на производството на украински беспилотни летала со долг дострел, објави денес германскиот министер за одбрана Борис Писториус на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина.
„Минатата недела во Вашингтон се согласив со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет дека Германија ќе придонесе за брзо обезбедување на пет итно потребни системи „Патриот“, рече Писториус, пренесува „Укринформ“.
Според него, партнерите тесно ќе ја координираат имплементацијата на оваа иницијатива во наредните денови во духот на меѓусебна доверба.
Германија, заедно со Велика Британија, ќе обезбеди 220.000 парчиња муниција од 35 мм за системите „Гепард“ на краток рок, а средствата за купување ќе ги обезбеди Берлин. Писториус нагласи дека Германија сака да ги поддржи и офанзивните способности на украинската армија, финансирајќи ја набавката на украински беспилотни летала со долг дострел, кои, како што изјави, веќе покажуваат резултати на бојното поле.
„Ова е јасен сигнал до Путин – продолжувањето на војната ќе го чини сè повеќе и повеќе. Украина ќе продолжи успешно да се спротивставува на руската воена машинерија и да ја ослабува секој ден. Од нас зависи активно да ги поддржиме во ова“, заклучи Писториус, нагласувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин греши ако мисли дека ќе победи на долг рок, пренесува Танјуг.
The post Германија испраќа пет системи „Патриот“ и муниција во Украина, финансира производство на дронови appeared first on Локално.