Во решенијата на научните здруженија не им се одобрени ниту 50 отсто од побараните суми за авиобилети. Одобрени им се пари за котизација, но пари за авиобилети за само два ученика и за еден ментор. Тимовите се составени од најмалку четири средношколци и двајца ментори
Гневни, длабоко разочарани, изиграни од Министерството за образование и наука се научните здруженија што ги подготвуваат талентираните ученици за светските олимпијади. Вчера им стигнаа решенија за првата финансиска поддршка од МОН откако во април годинава беа донесени измените на Законот за средно образование кој конечно овозможи системска поддршка од државата. Во решенијата не им се одобрени ниту 50 отсто од побараните суми за авиобилети. Одобрени им се пари за котизација, но авиобилети за само два ученика и за еден ментор.
– Ова ли е системско решение? Како ќе се одглавиме од долговите?! Никогаш не сме чувствувале толку потценети и излажани – револтирана е проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседателка на Македонското биолошко друштво (МБД).
Тимот од четири ученици предводени од двајца ментори деновиве треба да замине во Кезон Сити на Филипините каде што ќе се одржи Интернационалната олимпијада по биологија. Диневска-Ќовкаровска вели дека уште од пролетва се јавувала во МОН за да се координира во однос на поддршката и да ги испланира подготовките.
– Не е едноставно. За Филипините ни е потребна виза. Цените на билетите постојано се зголемува. Сите ученици и менторите во еден ден отпатуваа во Атина за лично да ги подигнат визите и се вратија дома. Патуваа 1.500 километри во еден ден за да не правиме дополнителни трошоци за ноќевање. Визите сами ги плативме. Зошто нè уверуваа дека ќе дадат поддршка за сите ученици? Зошто од нас бараат име и презиме и документација за секој поединечно? На крајот на краиштата, зошто чесно не ни кажаа, ќе го намалевме тимот и ќе одевме со еден ментор и двајца ученици. Се задолживме очекувајќи ја толку долгонајавуваната помош од државата. За на крај да нè излажат – вели Диневска-Ќовкаровска.
Во решението на МБД пишува дека добиле 132.000 денари за котизација за учество на олимпијадата. Толку чини котизацијата. Но, за авиобилети добиле 246.000 денари, а билетите чинат 490.200 денари.
Македонија на олимпијадата во Кезон Сити ќе ја претставуваат Ана Теона Георгиевска и Ања Спасевска од „Јахја Кемал“ од Скопје, Емилиа Аврамоска од скопското медицинско училиште „Панче Караѓозов“ и Георги Николоски од прилепската гимназија „Мирче Ацев“.
Решение за финансиска поддршка од МОН вчера стигнало и во Сојузот на хемичарите и технолози на Македонија кои го организираа учеството на македонскиот тим на Интернационалната олимпијада по хемија која годинава се одржа во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати. Македонските ученици покажаа одлично знаење и се вратија со по еден сребрен и бронзен медал и со пофалница.
Во решението од МОН пишува дека СХТМ добило поддршка за котизација и за авиобилети за двајца ученици и еден ментор. За котизација им се одобрени 159.000 денари, а за авиобилети само 93.000 денари.
Проф. Д-р Миха Буклески, еден од двајцата ментори вели дека за котизацијата чинела 3000 долари (159.000 денари), а авиобилетите 3000 евра (околу 185.000 денари). Во моментот долгот им изнесува околу 8.000 евра.
– Во услови кога постигнуваме историски резултати, се соочуваме и со сериозни проблеми. И покрај ветувањата добиени од надлежните институции, досега не е надминат проблемот со кој се соочуваат сите друштва кои ги водат тимовите на научните олимпијади. Останува неизвесноста во однос на финансирањето, без да се понуди стабилно и трајно системско решение. Институциите умешно ги формулираат законите и конкурсите за да ја избегнат одговорноста за финансирање на меѓународните олимпијади. На сличен начин се постапи и при последните измени на законот за средно образование со кој се ветуваше дека ќе бидат решени овие проблеми. Понижени, изиграни и предадени од страна на своите колеги професори на претседателски, премиерски и министерски фотелји, продолжуваме понизно да молиме за средства кои ни се неопходно потребни за да обезбедиме учество на олимпијадите. Нашата огорченост и разочарување од несериозниот однос и недоволната поддршка од државата, неминовно се пренесува и на учениците кои се соочени со неизвесноста од тоа дали ќе се обезбедат средства за учество. Дополнително се соочуваме и со долгови кои заради ветувањата дадени од страна на Министерството, сега не сме во можност да ги сервисираме – револтиран е Буклески.
Тој е дециден дека нашата држава е единствената од Европа која се соочува со вакви проблеми.
– И покрај тоа што сите ние со гордост ја претставуваме Македонија, државата (одговорните лица) повеќе од 10 години не најдоа начин како да се реши проблемот со финансирањето, иако многупати сме побарале помош од сите надлежни институции и сме предложиле разумни решенија. Револтот, дополнително се јавува како резултат на тоа што ние кои учествуваме и ги организираме подготовките, го работиме тоа со најголем ентузијазам, доброволно и без надомест. Дополнително, како резултат на нашите ангажмани, сме изложени на трошоци за да успееме да го спроведеме процесот на највисоко ниво. Игнорантскиот однос од страна на институциите кон нас и кон овој проблем го повредува нашето достоинство како универзитетски професори, но дополнително ги девалвира и сите постигнувања на учениците кои напорно се подготвуваат за овие олимпијади во текот на целата година. Веќе размислуваме да се откажеме од учеството на Меѓународната олимпијада по хемија или да учествуваме како индивидуални учесници зад кои не стои нивната матична држава. Ова е нашиот последен обид на некаков начин да го спасиме угледот на државата, но и нашиот личен углед и угледот на талентираните млади хемичари. Доколку повторно не се преземат конкретни мерки за да се реши овој децениски проблем, ова ќе биде единствениот одговор на проблемите со кои се соочуваме – категоричен е Буклески.
Вчера пак, министерката за образование и наука Весна Јаневска на својот профил на Фејсбук ги сподели успесите на младите хемичари со тврдење дека сите добиле поддршка.
„Овие деца се македонска гордост, како и сите други кои освоиле и освојуваат високи места на престижни меѓународни натпреварувања. Министерството за образование и наука го поддржа нивното учество на Меѓународната олимпијада по хемија што се одржа во Дубаи, покривајќи трошоци за пат и котизација. Ваков тип на поддршка е обезбеден за прв пат. Во минатото немаше, бидејќи ниту постоел законски основ, ниту имало иницијатива за негово создавање. Драги ученици, честитки за освоените сребрен и бронзен медал! Ве уверувам дека мојата и поддршката од Владата ќе ја имате и во иднина!“
Македонскиот тим што освои сребро, бронза и пофалница во Дубаи
Сепак, решението кое министерката Јаневска го потпишала на 11 јули се однесува само на поддршка на двајца од четири ученици што ја претставија Македонија на олимпијадата.
Деновиве во Париз заминуваат младите физичари на Интернационалната олимпијада по физика. Младите математичари се во моментот во Австралија, на Интернационалната олимпијада по математика, а информатичарите од 27 јули до 3 август ќе престојуваат во Боливија на Интернационалната олимпијада по информатика.
Според Законот за средно образование „МОН, на барање на акредитираните здруженија на наставници за учество на олимпијади, може во текот на една година да ги покрие трошоците за котизација и пат на најмногу шест ученици и најмногу двајца ментори за учество на по една олимпијада, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународната олимпијада.“
The post Гневни, длабоко разочарани, изиграни… Колку МОН навистина ги поддржа талентираните ученици? first appeared on УМНО.МК.