Повторно се употребуваат термини од типот „странски служби“ и „жолти комбиња“ на македонската политичка сцена по пишувањата на дел од бугарските медиуми дека премиерот Христијан Мицкоски во 2008 година наводно аплицирал за бугарско државјанство. Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, обвини за постоење на „координирана операција за дискредитација“ насочена против Владата и државата, наводно оркестрирана од бугарски служби и медиуми, со поддршка од опозициската СДСМ. Лефков тврди дека операцијата се води преку мрежа од бугарски портали и т.н. „mushroom“ веб-страници кои ширеле дезинформации и лаги со цел да ја дестабилизираат македонската Влада. Според постојат докази и факти. Потенцираше дека оваа операција се спроведува со употреба на класични хибридни методи: ширење лажни информации, конструирани афери, фабрикувани документи, лични и семејни дискредитации, и злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации.
Рана предизборна реторика или вистинска закана по земјата – нова дилема во јавноста. За дел од јавноста, ваквите обвинувања за вклучени бугарски служби се нереални.
-Не знам што враќа власта на ДПМНЕ но гледам дека се изглупираа со пресот на кој самите тврдат дека имале некакви доверливи информации за некакви заговори. Самиот тој факт упатува дека во таa партија ментално ништо не се сменило. Доктрина на популизам и тоталитаризам. ВМРО-ДПМНЕ беше авторот на масовните прислушкувања, на влечење за уши на гласање, на исклучување лифтови, на изборни штабови по министерства дури и во МВР. Тоа е таа партиска матрица која се темели на злоупотреби на државни ресурси за партиски цели, за останување на власт, за окупација на државата за сметка на партијата, вели во разговор за „Локално“, новинарот и аналитичар Зоран Иванов.

Зоран Иванов
Според него, таквиот пропагандистички пристап како „паранои, сеења магли, конструирање заговори, измислување непријатели внатрешни и надворешни и тоа, пазете, не против власта, туку против државата, а тие нејзините загрижени чувари, е прочитана работа“.
-Тоа зборува за несигурност во владеењето, несигурност во самата партија, страв од губење рејтинг во пресрет на изборите. И, посебно, партијата во која има најголема концентрација на функционери минати па и сегашни веројатно, со бугарски документи, таа партија, тие оттаму обвинуваат други за некакви „тесни“ врски и заговори во полза на источниот сосед. Си ги ишкаат мувите, тврди соговорникот.
Иванов не смета дека ваквите изјави можат да предизвикаат понатамошни конфликти, но, оценува дека граѓаните веќе не толку наивни да наседнуваат на содржините на катадневните пресови.
-Но идат избори па ќе станува се позабавно. Некако слаби се ефектите по општините, скромни се резултатите, ни кредитот унгарски ќе нема време да се потроши ефективно, па вака на глобално ниво реторика наместо за потребите за граѓаните, политики за мега заговори, демек ни отиде државата. А таа кутрата, еве ќе атрофира со ЕУ блокадата, но за тоа ниту партијата ниту власта комплетна ни анализа, ни прогноза ниту бутур, нагласува аналитичарот.
Иванов смета дека ако има потреба од апсења, нека си си даваат налози надлежните служби. Но сега, според него, поважно е прашањето како тоа партискиот штаб доаѓа до информации од доверлив карактер со кои можат и смеат да располагаат само надлежни институции и органи и поединци во нив со специјални дозволи.
-Од ВМРО-ДПМНЕ треба да и одговорат на јавноста како доверливи државни информации талкаат по нивните партиски кулоари. Така ли безбедносно функционира држава, а ваму заговори од надвор, апелира соговорникот, додавајќи дека би требало да имаат свои согледувања за тоа зошто баш опозицијата, онака топтан, ја обвинуваат за шурување со некакви надворешни фактори за сметка на стабилноста на државата.
-Оттаму треба да си ги повикаат политичките противници да ги факторизираат обвинувањата или да ѝ се извинат, заклучува Иванов.
Од друга страна, поранешниот пратеник и аналитичар, Зуди Џелили смета дека ВМРО-ДПМНЕ премногу се занимава со опозицијата, наместо да се фокусира на реализација на реформите и исполнување на предизборните ветувања за подобар живот. Вели дека не е спорно дека во Македонија има присуство на странски служби, тоа го потврдуваат и извештаи на Советот на Европа, но, како што истакнува, според нив, најизразено е влијанието на српскиот свет, а не на наводните бугарски служби.

Зуди Џелили
-Приказните за „предавничка опозиција“ и „странски агенти“ се невистинити и опасни. Тоа се изјави за дневна употреба, кои имаат за цел да ја покријат тензијата со Бугарија и настаните околу Резолуцијата во Европскиот Парламент за Македонија. Обвинувањата и заканите кон опозицијата се опасна игра, игра која создава омраза, нетрпеливост и ризик за нарушување на меѓупартиските и меѓуетничките односи. И тоа во момент кога на државата ѝ треба повеќе од било кога единство и соработка меѓу сите општествени чинители. Оваа нервозна и агресивна реторика кон опозицијата повеќе наликува на немоќ да се справат со проблемите, отколку на реална грижа за државата, посочува Џелили.
Соговорникот тврди дека заканите на власта кон опозицијата е опасна игра која шири омраза и нетрпение и опасност која може са ги наруши меѓупартиските и меѓу националните односи.
-Ова нервоза и омраза кон опозицијата повеќе личи на немоќ за справување со ппроблемите. Можно е спремање терен за одмазда, но ќе беше голема грешка за власта бидејќи ако повеќе удираш по опозиција тоа значи повеќе губење време и доверба за делување во интерес на државата. Јас ги советувам да ја надминат омразата, да пружат рака на соработка и да покажат единство за надворешните прашања, да работат за решенија за подобра иднина на државата, а не да не вратат назад во минатото. Европскиот пат е единствената надеж за подобра иднина за сите граѓани на Македонија, наведува Џелили.
Од СДСМ денеска обвинија дека театарот на премиерот Мицкоски за „внатрешни непријатели“ е обид да се сокрие вистината за бугарските пасоши. Партијата обвинува дека во целосен очај и паника е ВМРО-ДПМНЕ откако се обелодени скандалот, како што велат, дека Мицкоски имал бугарска самосвест и барал да извади бугарски пасош.
-Мицкоски се уште на ги демантира информациите за тоа дека барал бугарско државјанство, па наместо тоа во паника мора да ја обивнуваат СДСМ за да си го спасат рејтингот.
Кампањата на ДПМНЕ преполна со лаги, навреди и барање внатрешни непријатели е одамна прочитана книга. Излитена плоча која веќе никој не ја слуша. Но граѓаните ја знаат вистината. И таа вистина е дека овој театар со „патриоти и предавници“ служи само за едно – да се сокрие епскиот неуспех на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Служи за да се скрие фактот дека Мицкоски и пола од неговата Влада имаат бугарска самосвест. За повеќе од една година оваа власт нема ништо ама буквално ништо испорачано за подобар живот и иднина за граѓаните, порачаа од партијата на Венко Филипче.
Во јули 2022 година, за време на француското претседателство со ЕУ, Македонија се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав заедно со други малцинства како што се хрватското, црногорското, бошњачкото и други што претставува дел од Преговарачката рамка со ЕУ. Сепак, таканаречениот „француски предлог“ не беше имплементиран поради недостаток на политичка волја и консензус во земјава, што доведе до застој во процесот на пристапување.
The post Дали бугарските служби се присутни во Македонија: „Од ВМРО-ДПМНЕ треба да ѝ одговорат на јавноста како доверливи државни информации талкаат по нивните партиски кулоари“ appeared first on Локално.