Почеток ЕКОНОМИЈА Дали ќе поскапи струјата, ќе зависи од цената што ќе му ја понуди ЕСМ на ЕВН Хоум?!

Дали ќе поскапи струјата, ќе зависи од цената што ќе му ја понуди ЕСМ на ЕВН Хоум?!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Прерано е да зборуваме каква ќе биде цената на електричната енергија по 1 јануари 2025 година. Тендерите сè уште не се завршени, дел од нив не се ни почнати, така што во овој момент би било некоректно да шпекулирам какви би биле цените, но не верувам дека би имале некои проблематични одлуки, кои би влијаеле на буџетот на домаќинствата – изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Посочи дека РКЕ во овој момент ги анализира барањата за цената што веќе ги доставија МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција и, како што рече, во декември ќе ги достави и универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Токму од цената што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум, додаде, најмногу ќе зависи крајната цена по која ќе ја плаќаат потрошувачите струјата по 1 јануари.

– Најбитни елементи што ќе ни влијаат на одлуката што ќе се применува од 1 јануари се трошоците за набавка на загубите на електрична енергија во преносната и во дистрибутивната мрежа и трошокот за набавка на електрична енергија што ќе го распише универзалниот снабдувач. Во најголем дел, тие трошоци зависат од цените што ќе бидат понудени на тендери. Секогаш сум бил противник на какви било екстремни шокови во однос на цената на електричната енергија, така што не очекувам ни сега да има некои проблематични цени во однос на тоа што сме го имале во претходниот период – рече Бислимоски во телевизиско гостување.

Годинава, како што кажа, РКЕ првпат определува цени за пренос на електрична енергија и за дистрибуција на електрична енергија во постапки за податоци што компаниите треба да ги достават до 30 септември.

– Компаниите, во одреден дел, не беа баш докрај подготвени за тоа и поради тоа, податоците што ни ги доставиле во барањето не се докрај добри и од тие причини, најверојатно, имаат побарано зголемување толку колку што имаат побарано. Апсолутно нема да има прифаќање, но ги анализираме овие барања во моментов. Сигурен сум дека со нашите одлуки компаниите ќе си работат нормално и вообичаено и од 1 јануари 2025 година, притоа водејќи сметка на ниту еден начин да не бидат погодени домаќинствата и малите потрошувачи – потенцира Бислимоски.

Во 2023 година, на ниво на држава, како што кажа, имаме рекордно низок процент на увоз на електрична енергија, од 2,75 проценти.

– Тоа, пред сè, е поради тоа што во изминативе три години се изградија околу 900 мегавати нови производствени капацитети, кои произведуваат електрична енергија од сонце и од ветер, така што 2023 беше година со рекордно низок увоз на електрична енергија. Согласно со податоците што ги имаме сега, верувам дека и 2024 година ќе биде на тоа ниво и Македонија во наредниов период, во најголем дел, ќе успева да си ги покрива своите потреби од електрична енергија, пред сè поради инвестициите во обновливите извори на енергија. Исто така, очекувам да има и нови инвестиции во изградбата на нови конгенеративни постројки – рече Бислимоски.

За измените на Законот за енергетика, истакна дека, во најголем дел, се однесуваат на регионалното поврзување на пазарите, и на електрична енергија и на природен гас.

– Тоа се обврски што ги презела Македонија со зачленувањето во Енергетската заедница и сето тоа ќе ни овозможи да започнуваме пазарно спојување на нашиот пазар на електрична енергија со пазарите во соседните земји. Сето тоа, по еден среднорочен период од 5 до 10 години, ќе значи Македонија да биде дел од еден заеднички паневропски пазар – посочи Бислимоски.

Со новиот Закон за енергетика, додаде, се поедноставуваат и се појаснуваат условите за поставување на батериите што ќе се користат за складирање електрична енергија произведена од фотоволтаици и од ветерни паркови.

– Дополнително се поедноставуваат процедурите за вадење лиценци во РКЕ, но најбитно е тоа што ние, како земја, во целост, мислам дека ќе бидеме прва во регионот што ќе ги имплементира во своето национално законодавство последните директиви на Европската Унија што се однесуваат на енергетиката – нагласи Бислимоски.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro