Почеток Денес роденден прославува нашиот истакнат писател Велко Неделковски

Денес роденден прославува нашиот истакнат писател Велко Неделковски

ekran.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Велко Неделковски е роден на 28 октомври 1946 година во Скопје. Тој е истакнат македонски писател, раскажувач, романописец, поет и драматург.

Неделковски завршил гимназија во Скопје. Студирал на Филозофскиот факултет во родниот град, а работел во Македонската телевизија, како драматург и сценарист, а бил и уредник на играната програма за деца. Во 1980 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија.

Голем дел од книжевното творештво на Неделковски отпаѓа на книжевноста за деца. Тој ги негува речиси сите книжевни жанрови: расказ, сказна, роман, драма и поезија. Покрај тоа, тој е автор и на неколку сликовници, како и на романот-сликовница „Зеленкапа во шумата Еколо“ (во десет книги). Неделковски е автор на околу 60 радио-драми кои биле изведени на Радио Скопје (Македонското радио), а некои од нив се преведени и изведени во странство (Радио Сараево, Радио Нови Сад, Радио Братислава, Радио Белрин итн.). Исто така, тој е творец на 30 играни телевизиски серии за деца, како: „Да видам, да видам што ќе бидам“ (заедно со Глигор Поповски), „Булки крај шините“ (заедно со Душан Наумовски), „Втора смена“, „Записник или на наш начин“, „Претежно вредро“, „Кукли во градинката“, „Шумата Еколо“, „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“, „Царството на другарството“ и други, а напишал и сценарија за три краткометражни филмови. Од неговите драмски дела, изведени се: „Ден за бегство“, „Бибисек од Крампонија“ и драматизацијата на романот „Децата од Павловата улица“ на Ференц Молнар. Во продолжение, Неделковски е автор на повеќе од 500 раскази за деца и за возрасни, кои се објавени во списанијата „Развигор“, „Другарче“, „Росица“ итн. За своите дела Неделковски е наградуван во повеќе наврати, како: наградата на РТВ Скопје на Струшките вечери на поезијата за најдобра книга за деца (1986), наградата „Феникс“ на град Скопје, за постигнувања во книжевноста, наградата за животно дело на Македонската радио-телевизија и Специјалната повелба на „Детска радост“ за особен придонес во развивањето на детскиот печат во Македонија.

Среќен роденден Велко ти посакува редакцијата на Екран.

 

The post Денес роденден прославува нашиот истакнат писател Велко Неделковски appeared first on ekran.

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro