Почеток МАКЕДОНИЈА ДКСК ги чешла Судскиот совет и Советот на обвинители

ДКСК ги чешла Судскиот совет и Советот на обвинители

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Антикорупциската комисија им порача на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители да си ги повлечат своите членови од Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители бидејќи постапиле спротивно на законот за спречување на корупција и судир на интереси и на законот за Академијата. Антикорупционерката Биљана Каракашева-Шулев рече дека предметот го отворила по сопствена иницијатива и им порача на Судскиот совет и на Советот на обвинители да ги стават вон сила нивните одлуки, бидејќи станува збор за веќе именувани членови, а нивните судско-обвинителски функции им се ставени во мирување.

„Праксата преку која го аргументираат поставувањето на членови од своите редови за членови во Управниот одбор на Академијата да престане, како не би дозволиле и понатаму судир на интереси поради акумулација на функции“, порачаа од Антикорупциска.

Според антикорупционерите, одлуките за пополнување на Управниот одбор, со по двајца членови од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, се спротивни на членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, судирот се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалбите на кандидатите за судии и јавни обвинители, а советите ги избираат.

„ДКСК, согласно член 40 од деловникот, предлага да побара од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители да преземат мерки за надминување, на начин што пред почнување на мандатот членови на АСЈО, а најдоцна до истекот на мандатот на сегашните членови на АСЈО, ќе ги стават вон сила своите одлуки кои се спротивни на Закон за судир на интереси и Закон за АСЈО – порачаа од Комисијата.

На истата седница, пак, Антикорупциската комисија одлучи дека членството на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во Управниот одбор на Академијата, се во согласност со законот бидејќи тоа го дозволувало друг закон. Комисијата одлучи да ја запре постапката за судир на интереси во овој случај.

„ДКСК оцени дека во конкретниов случај, при назначувањето на членови на УО е постапено согласно законската можност за исклучок од забраната за членство во управни и во надзорни одбори. Не постои акумулација на функции спротивна на закон и не се основани наводите за злоупотреба на буџетски средства. Се запира постапката“, – одлучија од Антикорупциска.

Советот на јавни обвинители на 29 октомври за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ги избра своите членови Душица Димитриеска и Башким Бесими. Неколку дена претходно, пак, Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители ги номинира членовите на советот, Ханиф Зендели и Антоанета Димовска.

Изминатите денови, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку серија на прес-конференции обвинуваше за партизација на Академијата на судии и јавни обвинители преку назначување на членови на Управниот одбор, кои според партијата се блиски со луѓе од опозицијата.

„СДСМ врши упад во Академијата за судии и јавни обвинители, затоа што покрај тоа што во Советот на обвинители и во Судскиот совет назначија свои членови во Управниот одбор на АСЈО, кои немаат право да ги назначат.

„За член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите, Судскиот совет ја избра, од сите, Антоанета Димовска, сестра на поранешната пратеничка на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева. Таа е избрана од Судскиот совет за член на УО на АСЈО. Тоа е спротивно на закон, бидејќи таа не е од редот на судиите, односно е член на Судскиот совет, што претставува избрана или именувана функција и не смее истовремено да врши функција во орган на управување, како што е УО на АСЈО. Има судир на интереси. За нејзин заменик е назначена Емел Кранли, прва братучетка на Ветон Кранли, љубител на монети и близок соработник на Оливер Спасовски, кој своевремено беше назначен за началник за спречување организиран криминал во БЈБ. Исто така, за член на УО во АСЈО од редот на јавните обвинители Советот ја назначи Душица Димитриеска, мајка на Ема Нешкоска, актуелен член на Советот на Општина Гостивар од СДСМ и кандидат за пратеник од таа партија во ИЕ 3, на последните избори“,- обвини Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања.

Во друг предмет, пак, Антикорупциска побара од Судскиот совет да покрене дисциплинска постапка против нивни член бидејќи преку Судскиот совет барал одговорност за судии од Врховниот суд за предмет во кој адвокат била неговата сестра. Антикорупционерите истото го побараа и од Здружението на судии, поради случај на „судир на интереси„ и „пристрасност при вршењето на функцијата“.

„Во претставката се наведува дека член на Судскиот совет поднел барање до Судскиот совет да се поведе постапка за утврдување на одговорност на судии на Врховен суд, кои  биле и членови на Судечкиот совет кој одлучувал по вонреден правен лек, ревизија на предмет. Тужениот во овој предмет го застапувало адвокатско друштво во кое сестрата на членот на Судскиот совет врши адвокатска дејност“, рече членот Цвета Ристовска и додаде дека членот на Судскиот совет во барањето за постапка за утврдување на одговорност на врховните судии, навел дека тие постапиле нестручно и несовесно при вршењето на својата судиска функција.

„Членовите на Судскиот совет се обврзани во вршењето на функцијата да постапуваат совесно, стручно и одговорно, да ги почитуваат етичките норми, како и да внимаваат на евентуален судир на интереси. Тие се должни да го пријават постоењето на приватен интерес и членот да се изземе пред расправа и одлучување. Со оглед дека блиско лице, сестра на член на Судски совет била полномошник на странката која ја изгубила постапката пред Врховниот суд, не само што членот на Судскиот совет не смеел да постапува, туку не смеел ниту да се јави во улога на иницијатор за  постапка за одговорност на врховните судии – нагласија од Антикорупциска.

ДКСК констатира дека, пошироко гледано, игнорирањето на судири на интереси на членовите на Судски совет, кои всушност вршат надзор и контрола на работењето на секој судија во државата, создаваат можност од влијание и вршење притисок врз судиите кои постапуваат во постапките каде што членовите на Судскиот совет имаат блиски лица. Со тоа на директен начин се влијае на самостојноста и независноста на судската власт, која треба да ја гарантира токму Судскиот совет.

(П.А)

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro