Група европратеници упатија писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со предупредување дека ЕК „можеби го прекршила законот“ поради неисплата на договорени средства за невладини организации што дејствуваат во здравствениот сектор.
– Неисплатата на средствата, особено без објаснување, ја поткопува довербата, можеби ги прекршува законските обврски и го ослабува ткивото на европската соработка во здравствената политика. Статусот кво е неприфатлив и не може да се дозволи тој да продолжи, се вели во писмото потпишано од 12 европратеници од редовите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените.
Тие во писмото посочуваат дека невладините организации и здруженијата на пациентите потпишале договори со Комисијата за оперативна поддршка и врз основа на нив ги планирале своите активности.
Според потписниците на писмото, со неисплатата на средствата ЕК го загрозува „демократскиот интегритет“ на Европа.
– Доколку овие клучни засегнати страни, организациите на пациентите, граѓаните и застапниците на јавното здравје, бидат ослабени или замолчени, вакумот ќе го пополнат приватните комерцијални интереси, додаваат европратениците во писмото.
Писмото следи откако неколку НВО соопштија дека лани потпишале договори за партнерство со Еврокомисијата, со кои се предвидува финансирање на нивните активности за оваа годна преку оперативни грантови. Покрај за реализација на конкретни проекти, овие средства биле предвидени и за дневните режиски трошоци и за плати на ангажираните лица.
Но, според нив, ЕК досега се уште не објавила конкурс за доставување на проекти за добивање на овие грантови, а тврдат и дека неформално биле информирани „да не очекуваат никакви финансии“.
Поради неисплатата на овие средства неколку невладини организации веќе отпуштиле дел од својот персонал.
На писмото и реакцијата на невладините организации, Европската комисија кусо одговори дека „многу наскоро“ се очекува да биде усвоена и објавена работната здравствена програма „ЕУзаЗдравје“.
– Комисијата го цени придонесот на граѓанското општество и во многу од финансираните активности во претстојната работна програма ќе бидат вклучени и невладините организации, а одредени средства кои ќе бидат конкретно насочени кон невладините организации, изјави портпарол на ЕК.