Почеток МАГАЗИН - ЗАНИМЛИВОСТИЗабава Евтин стана животот на градежниот работник во Македонија

Евтин стана животот на градежниот работник во Македонија

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Во саботата попладне градежен работник паднал од зграда на просторот на поранешната фабрика „Треска“ во Скопје додека работел на неа. Работникот со тешки телесни повреди бил пренесен во болница.

– Околу 16:30 часот пријавено е дека работник падна од градилиште на зграда во градба во фабриката „Треска“. Екипи на СВР Скопје извршиле увид, а лицето со екипа на Брза помош е пренесено на Ургентен центар. Според информациите од таму, работникот се наоѓа во животно загрозувачка состојба – информираа од МВР

Пред еден месец, поточно на 29 септември, бетонски столб усмрти работник во Чаир, кој работел на градилиште. Според информации од полицијата, 54-годишен маж од Скопје, додека извршувал градежни работи во дворно место од куќа во Чаир, врз него паднал бетонски столб кој го усмртил.

Овие два случаи се меѓу последните од низата несреќи на работно место што ги евидентира МВР во дневните билтени. Опасноста при изградбата на градежните објекти демне низ секој агол, не само во Скопје. Ако само површно се погледне, може да се забележи како работници работат на голема височина на згради без заштитни скелиња или мрежи.

Оваа година со повреди, несреќи и смртни случаи на работните места се соочиле градежници, рудари, земјоделци, полицајци, пожарникари… Според податоците на Државниот инспекторат за труд, на Секторот за инспекциски надзор од областа за безбедност и здравје при работа, во првото полугодие од оваа година се евидентирани 1.130 повреди од кои 53 во градежништвото. Во овој период имало седум повреди со смртни последици, од кои четири се градежни работници.

Овој Инспекторат е под Министерството за социјална политика, демографија и млади и е задолжен да прави контрола на терен во областа на безбедност и здравје при работа и ги регистрира инцидентите на работното место. Оттаму посочуваат дека при непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа и подзаконските акти, доаѓа до ризик на појава на зголемен број повреди при работа, а како ризични области се наведуваат трговијата на големо и мало, преработувачката индустрија (текстилна, кожарска, дрвна), градежништвото, металургијата, рударство и вадење камен, транспорт и складирање.

Последните податоци на Македонското здружение за заштита при работа се за 2023 година. Според ланскиот извештај, во 2023 година се случиле 108 несреќи од кои најмногу во Преработувачката индустрија – 29, по што следува Градежништво и Јавна управа и одбрана по 22. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт се во дејностите Градежништво – 7, дејностите на Домаќинства како работодавачи – 3 и Преработувачка индустрија и рударство по 2.

Исто така, градежните зафати врз објектите од секторот Домаќинство каде што имаше зголемен број на повреди и смртни случаи, покажува дека во оваа дејност се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа.

Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) постојано апелираат за почитување на Закон за безбедност и здравје при работа, бидејќи во спротивно се зголемуваат ризиците за повреда на работно место. Оттаму посочуваат дека голема е бројката на работници кои работат на црно, за надници за одредени работодавачи.

Летоска кога тешко беше повреден работник додека извршувал градежни работи на новиот магистрален пат Гостивар – Кичево од Коридор 8, синдикатите жестоко реагираа.

– Мора да се овозможи работниците безбедно да ги извршуваат своите работни задачи и безбедни, живи и здрави да се вратат кај своите семејства на крајот од работното време. Чекајќи го новиот Закон за работните односи се заборавија и измените и дополнувањата во Законот за безбедност и здравје при работа кои, исто така, Сојузот на синдикатите на Македонија и СГИП ги предложија пред повеќе од три години. По број на вработени во државата наспроти број на повреди и жртви сме лидери не само во Европа, туку и во светот. Одговорност мора да има, ќе предложиме во новиот Законот за безбедност и здравје при работа секоја повреда или жртва кај работодавачи кои не почитувале препораки и мерки да се казни со кривично дело – обид за убиство – потенцираа од синдикатите.

Во Акцискиот план за безбедност и здравје при работа на Министерството за труд и социјална политика се нагласува дека во периодот 2024/2025 година треба да се донесе нов Закон за безбедност и здравје при работа, како и ревизија на постоечки или донесување нови подзаконски акти (правилници) во доменот на БЗР (во согласност со ЕУ директивите, како и на новиот Закон за БЗР).

Податоците на Меѓународната организација за труд велат дека 4 проценти од бруто домашниот производ во сиромашните земји оди во компензација на повредите. Тоа значи дека директните загуби што ги трпи Македонија се над 400 милиони евра.

(С.Бл.)

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro