Едно лице загина, а две се повредени при руски ракетни напади што ја погодија украинската престолнина Киев изминатата ноќ, соопштија локалните власти.
Имало вкупно четири ракетни напади, во четири делови на градот, а оштетени се станбени згради, супермаркет, влез на метро-станица и основно училиште каде што избувнал и пожар, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Како што соопшти претседателот Володимир Зеленски, на остатокот од украинската територија, уште едно лице го загубило животот во руски воздушни напади, а уште 13 лица се повредени. Во ноќешните напади на Украина, руските сили освен ракети користеле и дронови и артилерија, соопшти Зеленски.
Инаку, по фронтовите линии во Украина, вчера армијата учествувала во 122 битки со руските сили, јави државната новинска агенција Укринформ.
Според извештајот, Русите извршиле два ракетни напада со 5 ракети, 53 воздушни удари со 71 интелигентни бомби и испратиле 1.427 дронови-самоубијци. Истовремено, извршени се и 4.327 артилерски напади врз украински позиции.
Од битките со директна конфронтација, најжестоко било околу градот Покровск, каде руските сили извршиле 36 различни напади.
Покровск е важен стратегиски транспортен центар во западниот дел на Донецката област и е речиси целосно уништен, но украинските сили уште даваат отпор и не се повлекуваат. Руските сили напредуваат од север и од југ.
The post Еден загинат, двајца повредени во ноќешниот руски напад врз Киев appeared first on Локално.