Почеток Еминентната, скромна д-р Светлана Мојсов избрана за почесен професор на УКИМ. Ја номинираше ПМФ

Еминентната, скромна д-р Светлана Мојсов избрана за почесен професор на УКИМ. Ја номинираше ПМФ

umno.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Проф. д-р Мојсов ќе ја посети родната Македонија идната година, како специјален гостин на Конгресот на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ)

Професорката д-р Светлана Мојсов, една од најеминентните хемичарки во светот, е избрана за почесен професор (Professor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Одлуката ја донесе Сенатот на УКИМ, по номинацијата од Природно-математичкиот факултет во Скопје, чиј интегриран дел е Институтот за хемија. Д-р Мосјов, заедно со д-р Џоел Хабенер и д-р Лоте Бјере Кнудсен, во изминатите две години добија многу светски научни награди за нивниот револуционерен придонес во развојот на пептидот 1 (GLP-1) сличен на глукагон со што го трансформираа третманот на дијабетес тип 2, помагајќи им на милиони луѓе ширум светот. Мојсов ќе ја посети родната Македонија идната година, како специјален гостин на Конгресот на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ).

Проф. д-р Светлана Мојсов

Светлана Мојсов е ќерка на Лазар Мојсов, дипломат и државник. Родена е во Скопје во 1947 година. Во родниот град го завршила основното образование. Студии по физичка хемија завршила на Природно-математичкиот факултет во Белград. Се запишала на докторски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во 1972 година, каде останала до денес.

Каков е нејзиниот удел во развојот на науката?

Иако биохемијата е наука со долга традиција, сепак посебен импулс има добиено кон средината на минатиот век, објаснува д-р Зоран Здравковски, професор во пензија на Институтот за хемија при ПМФ и претседател на СХТМ, заслужен за промоцијата на успесите на Мојсов во Македонија.

– Една од тие пресвртни точки е определувањето на тродимензионалната структура на деоксирибонуклеинската киселина со што е објаснета и нејзината репликација односно преносот на генетските информации. Со тоа почнува и ерата на молекуларната биологија и нов пристап во фармацијата и во медицината – објаснува Здравковски.

Проф. д-р Зоран Здравковски

Следејќи ја нејзината кариера, тој се навраќа на 1971 година, кога Сбетлана Мојсов се запишува на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет под менторство на Брус Мерифилд кој развил иновативна метода за синтеза на пептиди на цврста подлога. Му предложила да работи на синтеза на глукагон, хормон на панкреасот.

– Иако глукагонот е составен само од 29 аминокиселини, има доста сложена секундарна структура и е многу нестабилен вон физиолошки услови. Во тоа време целосната синтеза на глукагонот била извршена со класични методи и заради комплексноста неколку истражувачки групи работеле на подобрување на синтетичките постапки, бидејќи приносот практично бил во трагови со крајниот производ бил со ниска чистотата. Тоа била непремостлива пречка за да можат да се вршат клинички испитувања и евентуалната негова употреба за третман на некои нарушувања во организмот. Мојсов, со воведување на иновативни заштитни групи и постапки, по макотрпна работа во 1981 година успеала да ја изврши синтезата и да добие доволни количини дури и за да го кристализира глукагонот. Во 1984 година на Мерифилд самостојно му е доделена Нобелова награда по хемија за развојот на методологија за хемиски синтези на цврста матрица. Заради можноста за автоматизација, денес оваа синтетичка метода е широко распространета за синтеза на пептиди, како и за синтеза на олигонуклеотиди кои наоѓаат примена во фармацијата и медицината – вели Здравковски.

Голема чест за УКИМ и за ПМФ

Според проф. д-р Марина Стефова од Институтот за хемија про ПМФ, особена е честа што ја имала нејзините колеги од Институтот да го започнат процесот со предлог за избор на проф. д-р Мојсов за почесен професор на УКИМ.

– Таа е врвен научник во светски размери, која потекнува од Македонија каде го завршила основното образование, а потоа студирала физичка хемија на Универзитетот во Белград и продолжила на Универзитетот Рокфелер на докторски студии. Таму започнуваат нејзините истражувања на глукагон и пептиди слични на глукагон, кои довеле до откривање и употреба на лекови за шеќерна болест и дебелина. Нејзината научна кариера е импресивна од повеќе аспекти, почнувајќи од важноста на самите откритија, преку нејзината упорност, истрајност и скромност, па сè до нејзината борба и победа за признавање на нејзиниот придонес во овие откритија – вели Стефова.

Проф. д-р Марина Стефова

Таа додава дека нејзиното име како почесен професор на УКИМ е голема чест за нашиот универзитет и можност да се споделат искуства со врвен светски истражувач, преку нејзини предавања за синтеза на пептиди во цврста фаза и потоа нивна структурна карактеризација и евалуација на биоактивност, за соработка во големи интердисциплинарни истражувачки групи, за научна чесност и истрајност, но и за почитување и вреднување на трудот на сите истражувачи во групата и особено за поддршка на младите истражувачи.

– Нејзиното огромно искуство и упорност од една страна, како и нејзината научна чесност и скромност од друга, се извонреден пример за сите, а особено за младите истражувачи, за тешкиот пат на истражувачите, кој доведува до врвни откритија и признанија. Овој избор, покрај предавања за нашите студенти и истражувачи, ќе отвори можност за размена на идеи и започнување на соработки со нејзината истражувачка група. Нејзиниот избор за почесен професор на УКИМ е вистински потег бидејќи токму истражувањата во областа на хемијата и природните, но и биомедицинските науки се традиционално најактивни на нашиот универзитет. Конечно, доведувањето на научници од овој ранг во нашите редови и формално и суштински влијае на подобрување на угледот и нивото на универзитетот на регионално и на глобално ниво – вели Стефова.

„Не ми беше важен ниту профитот, ниту признанието – туку вистината“

Во светот на науката, каде што жените со децении се соочуваат со нееднаквост, животните приказни на големите научнички сè почесто стануваат светол пример и извор на инспирација за новите генерации, вели проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот за хемија. Особено во областа на хемијата, бројни жени-научнички направиле револуционерни откритија, охрабрувајќи ги младите, особено девојките, да се впуштат во научноистражувачкиот свет.

Проф. д-р Наташа Ристовска

– Марија Склодовска-Кири, Розалинд Френклин, Франсис Арнолд и Џенифер Дудна не само што оставија трајна научна трага, туку и го сменија начинот на кој се перципира улогата на жената во науката – покажувајќи дека научничките се подеднакво способни и вредни како нивните машки колеги. Една од најсветлите современи фигури во хемијата е светски познатата американска професорка од македонско потекло, Светлана Мојсов, заслужна за откритието и синтезата на GLP-1 – хормон што денес е основа на лековите за третман на дијабетес тип 2 и дебелина. Овие лекови спасуваат животи и го подобруваат здравјето на милиони луѓе ширум светот – вели Ристовска.

На Глобалниот женски појадок 2025, организиран на Институтот за хемија, Мојсов се обрати со инспиративна видео-порака, во која рече:

„Не ми беше важен ниту профитот, ниту признанието – туку вистината. Науката е должност кон човештвото, а најголемата награда за мене се пациентите кои денес живеат подобро благодарение на тоа што го започнавме пред четири децении.“

По децении научно молчење, нејзината работа конечно доби глобално признание. Во изминативе неколку години, проф. Мојсов ги доби некои од најпрестижните светски научни награди, меѓу кои: Lasker – DeBakey Clinical Medical Research Award (2024), Tang Prize in Biopharmaceutical Science (2024), VinFuture Prize (2023), Princess of Asturias Award (2024), Breakthrough Prize in Life Sciences (2025), BBVA Foundation Frontiers of Knowledge Award (2025), Pearl Meister Greengard Prize (2024), Warren Triennial Prize (2025), TIME100 и Nature’s 10 (2023/2024).

Од врачувањето на Breakthrough Prize in Life Sciences

– Со звањето почесен професор, УКИМ ја призна како една од најзначајните научнички во современата биохемија. Во рефератот за нејзиниот избор се нагласува дека нејзините истражувања го трасирале патот за развој на модерни терапии, а нејзината скромност, научна етика и пожртвуваност се ретки и драгоцени вредности. Ова признание има и силна симболика – таа се враќа како модел на успех пред новите генерации научници од Македонија и пошироко.

Но, нејзината вредност не се мери само преку лабораториски резултати или патенти. Таа е симбол на тоа како една жена, потекната од мала земја како Македонија, може да стигне до врвовите на светската наука. Со својот пример, Мојсов ги инспирира младите дека науката нема граници – и дека секој, без разлика на полот, има моќ да придонесе кон создавање на подобар свет – вели Ристовска.

Зошто е толку револуционерно ова откритие?

Според Здравковски, GLP1 претставува инкретински хормон кој првично почнал да се испитува заради неговата регулација на глукозата. При клиничките испитувања била забележано и неговото дејство за чувството на заситеност, односно испитаниците почнале да губат од телесната тежина.

– Сега се вршат и испитувања заради неговото кардиоваскуларно дејство, но и влијанието врз бубрезите. Но, за тоа многу подобро можат да зборуваат колегите од медицинските науки. Затоа во рецензентската комисија при избор на почесен професор беа и професорите Соња Топузовска од Медицинскиот и Катерина Горачинова од Фармацевтскиот факултет при УКИМ. Јас можам да зборувам за хемиските аспекти за придонесот на Светлана Мојсов на ова поле – вели тој.

Фото: Принтскрин / Извор: tang-prize.org

Здравковски објаснува дека нејзиното искуство и знаење во синтезата на глукагонот дошло до полн израз кога поминала во Општата болница во Бостон во време кога започнале првите испитувања со GLP1 издвоен од риби во Бостонскиот залив. Мојсов самостојно ги идентификувала секвенците на аминокиселините и нејзиното одлично познавање на карактерот на пептидните врски кај различните аминокиселини и овозможило да го идентификува активниот фрагмент на GLP1, низата на аминокиселини од 7 до 37. Во 1984 година почнала соработка со Лабораторијата за молекуларна ендокринологија која ја водел д-р Џоел Хабенер која се наоѓала во истата зграда, а кои вршеле медицински испитувања на GLP1. Таа извршила хемиска синтеза на овој фрагмент во доволни количини и со висока чистота што ги овозможило првичните истражувања на нивното дејство прво на животни, а потоа и на луѓе. Исто така, создала антитела за разните пептиди, но и оптимизирала радиоимунолошки тестови и хроматографски методи за разделување на пептиди сродни на GLP1 што слободно може да се каже дека медицинските истражувања немало да може да се извршат без нејзиниот клучен удел.

Неправдата конечно е исправена

Лекот „Оземпик“ што го произведува данската компанија „Новонордиск“ е базиран на ова откритие, кое е неодвоив дел од истражувањата на тројца научници: Светлана Мојсов, Џоел Хабенер и Јенс Јуул Холст. Но, признанијата за достигнувањата на Мојсов со години не беа земени предвид.

– Во 1990 година Мојсов се вратила на Рокфелеровиот универзитет и е избрана за вонреден професор. Во тоа време почнале да се објавуваат клинички трудови за благодатите на GLP1 со пептиди што таа лично ги синтетизирала. Меѓутоа, без да биде информирана, Општата болница во Масачусетс поднела барање за патенти и тоа само на името на Хабенер. „Новонордиск“ ги откупил правата и слободно може да се каже дека лековите базирани на нејзините сознанија стануваат едни од најпродаваните и најпрофитабилните во поново време. Сепак имам впечаток дека посебно била вознемирена кога почнале да се доделуваат светски познати награди на оние кои работеле на оваа проблематика дури и на оние кои имале многу помал придонес. За среќа, по совет на Мерифилд, водела многу подробни лабораториски дневници и со тие записи од сите извршени експерименти недвосмислено го докажала својот придонес. Како резултат на тоа дополнително била внесена во патентните права и како што е познато сега со право е вклучена во сите понови признанија и награди – објаснува Здравковски.

Од минатогодишниот Конгрес на СХТМ

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија догодина во септември во Охрид ќе го организира својот 28. Конгрес.

– Светлана Мојсов беше поканета и многу нè израдува дека ја прифати поканата и ќе одржи пленарно предавање. Со нетрпение очекуваме ние, нашите помлади колеги и студенти изворно да добиеме поподробни информации за нејзината работа и начинот на решавање на предизвиците со кои се соочувала. Колку што знам има повеќе покани да дојде во Македонија, вклучувајќи да биде промовирана во почесен професор на УКИМ, но немам сознанија дали и кога тие ќе се остварат – вели Здравковски.

Насловна фотографија: Принтскрин, од врачувањето на Breakthrough Prize in Life Sciences

The post Еминентната, скромна д-р Светлана Мојсов избрана за почесен професор на УКИМ. Ја номинираше ПМФ first appeared on УМНО.МК.