Почеток БАЛКАН Естетиката на повеќедецениското творештво на Беди Ибрахим во Чифте амам

Естетиката на повеќедецениското творештво на Беди Ибрахим во Чифте амам

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

„Творештвото на Беди е креативно припомнување и пресоздавање на минатото, кое низ вековите наназад ја изградило културната свест како чин на уметничка креативност, но и хуманистички отпор во услови на едно современо општествено живеење“, посочи меѓу другото на отворањето на изложбата Маја Неделковска-Брзанова, директорката на Национална галерија на Македонија

Во галеријата Чифте амам, во Скопје, завчеравечер беше отворена мултимедијална ретроспективна изложбата на нашиот еминентен скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Беди Ибрахим. Многубројната публика имаше можност да ужива во делата од сите творечки опуси и фази на уметникот, создадени во различните природни амбиенти на релација Македонија-Турција, кои се всушност неговото ателје.

„Ернест Касирер во своето дело Есеј за човекот вели ‘За да го поседуваме светот на културата ние мораме постојано одново да го освојуваме со историското припомнување. Но, припомнувањето не значи само чин на репродукција. Тоа е нова интелектуална синтеза – конструктивен чин.’ Творештвото на Беди е токму тоа креативно припомнување и пресоздавање на минатото кое низ вековите наназад ја изградило културната свест како чин на уметничка креативност, но и хуманистички отпор во услови на едно современо општествено живеење“, посочи на отворањето на изложбата Маја Неделковска-Брзанова, директорката на Национална галерија на Македонија.

Таа додаде дека творечката мисла на Беди Ибрахим всушност произлегува од „ретроидеите“, актуелни како мотив и ликовна форма како во неговите скулптури, инсталации и објекти, така и во неговите слики и колажи.

Ликовниот критичар Конча Пиркоска, пак, која е долгогодишен пријател и одличен познавач на творештвото на Беди Ибрахим, за изложбата ќе каже: „Поетскиот свет на Беди, од неговите први, па сè до последните дела, е исполнет со хуманистичка дарба и со упорна верба во уметничкото дејствување за спас на современиот дехуманизиран свет. Како неуморен трагач по нови приказни, тој за нас и натаму ќе ја чува ризницата на интеркултурното наследство, облагородувајќи ја нашата европска сегашност со сељубовта и со семудроста на Истокот“. Таа е и автор на текстот во монографијата, која според директорката Неделковска-Брзанова, дополнително ќе биде објавена во наредниот период.

Кураторот на изложбата, за чија реализација се заблагодари и самиот автор, е Горанчо Ѓорѓиевски.

Инаку, Беди Ибрахим целиот свој живот го има посветено на ликовното творештво, како на домашната, така и на меѓународната ликовна сцена, создавајќи релевантни ликовни дела кои ја претставуваат Македонија на глобално рамниште, а своите длабоки творечки искуства како професор на ФЛУ на најпрофесионален и најревносен начин им ги пренесува на младите кадри, кои ја претставуваат иднината на македонската ликовна уметност и култура. (Д.Т.)                

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro