Европската Унија (ЕУ) подготвува нов пакет реципрочни царини за стоки од САД во вкупна вредност од 72 милијарди евра, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани со воведување 30% царина на сиот увоз од ЕУ од 1 август, ако не се постигне посебен трговски договор меѓу двете страни.
Посебно на удар ќе бидат авиони, автомобили и автомобилски делови, според документот до кој дошол „Политико“.
Најголемиот дел од американскиот извоз што ќе биде царинет со новите стапки на ЕУ се индустриски стоки, во вкупна вредност од 65,7 милијарди евра, а 6,4 милијарди е вредноста на земјоделските производи од САД што ќе бидат царинети со новите реципрочни стапки. Списокот го вклучува и бурбонот од САД, иако производителите од Ирска и Франција интензивно лобирале во Брисел да се заштити оваа европска индустрија од одмазднички мерки на Трамп – односно, тие стравуваат дека ако ЕУ го забрани бурбонот, тогаш сосема извесно европските жестоки пијалоци ќе бидат „жестоко“ царинети од администрацијата на Трамп.
Најголемата ставка во списокот кој е на 200 страници се авионите и авионските делови, за кои се предвидени царини во износ на 11 милијарди евра американски извоз, што посебно силно ќе го удри „Боинг“, кој е единствениот производител на големи патнички авиони во САД.
Следните работи што Брисел ќе ги царини се автомобилите и автомобилските делови, хемикалии и пластика, медицински уреди и опрема, електрична опрема и индустриски стоки.
Вредноста од 72 милијарди евра стоки што ќе се царинат е намалување во однос на претходните предлози со новите одмазднички царини да биде опфатен извоз на САД вреден 95 милијарди евра.
Европската комисија ја презентира листата откако викендов Трамп се закани со 30% генерална царинска стапка на увоз од ЕУ од 1 август, ако не се постигне трговски договор.
За усвојувањето на новите царини од ЕУ за САД ќе треба да гласаат сите земји-членки.
The post ЕУ подготвува одговор на Трамп за царините – посебно погодени ќе бидат „Боинг“ и американските автомобили appeared first on Локално.