Екипата на РК Еурофарм Пелистер со еден освоен бод го започна меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Во првиот настап „зелено-белите“ во драматичен натпревар и супер-неизвесна завршница ремизираше со незгодниот тим на Тримо Требње 32-32.
Македонскиот шампион на овој натпревар настапи без своите најдобри поединци од минатата сезона, Филип Кузмановски и Никола Митревски, кои останаа на трибините, додека тренерот Рубен Гарабаја шанса од првата минута им даде на сите засилувања, со исклучок на кружниот напаѓач Ибрахим Калес Валид.
Радивојевиќ со седум и Павле Атанасијевиќ со шест гола беа најефикасни кај Еурофарм Пелистер, а Јуречиќ со седум и Цингесар со шест гола се истакнаа кај Тримо Требње. Во оваа група Б на турнирот води Вардар 1961 до два бода, следат Еурофарм Пелистер и Тримо Требње со еден и Динако Панчево без бодови. Утре од 20:45 часот во оваа група се игра големото македонско дерби меѓу вардарци и пелистерци.