Почеток КУЛТУРА ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Однос кон умот и кон телото

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Однос кон умот и кон телото

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Влијанието што го има нашата состојба на умот врз нашето тело е мошне големо. Постојат научни докази дека позитивниот став кон стареењето може да го продолжи животот и благопријатно да влијае врз психофизичката хармонија на личноста. Сепак, позитивното размислување функционира само ако е составен дел од претставата што ја имаме за самите себе. Не е доволно позитивно да мислиме, туку треба и длабоко да веруваме во тоа што го мислиме. Позитивните мисли се производ на нашата свест, но проблемот се јавува доколку се доминантно присутни негативните емоции во нашата потсвест.

Емоциите се тесно поврзани со мислите. Доколку се чувствуваме несигурно и разнебитено на емоционален план, тогаш позитивното мислење нема да вроди со плод. Според Елдон Тејлор: „Мислите се поврзани со срцевата кохерентност. Самата помисла на нешто тажно, злокобно или насилно, самата помисла на личност на која сме ѝ лути предизвикува неизедначено и недоследно срцево устројство. Со други зборови, мислите стануваат преведени во емоции“. Кога сме преокупирани со лоши искуства од минатото или со песимизам гледаме на иднината, тогаш го спречуваме нашето битие да се врати во рамнотежа.

  1. Кога сме исплашени, тажни или загрижени, нашиот имунолошки систем слабее

Научно е докажано дека мислите, емоциите и убедувањата влијаат врз телото.  Умот на човекот поседува фасцинантна моќ, само треба да го насочиме кон афирмативни цели и активности.

Постојат многу книги во кои се нагласува поврзаноста помеѓу умот и телото. Еден од пионерите на таквата литература е д-р Габор Мате. Во книгата „Кога телото кажува не“, тој зборува за тоа како влијаат емоциите, какви што се лутината и тагата, на ризикот од добивање рак. Зачетникот на авангардната дисциплина позната како психоневро-имунологија, доктор Кендис Перт, во својата книга „Молекули на емоциите“ ја објаснува поврзаноста на умот со имунолошкиот систем и дека неразрешените емоции се причина за разни болести. Перт потенцира дека нашите разочарувања, неуспеси, љубовни маки и трауми се концентрирани во „јазолните точки“ од нашите телесни ткива и ќелиски системи. Нејзиниот став е дека телото слуша сè што зборува умот.

Во историскиот развој на западната култура доминирал презирниот однос кон телото и негирањето на телесно-инстинктивното функционирање. Денес, психотерапијата на телото е една од главните области на модерната практична психологија; таа е синтетичен метод за „лекување на душата преку работа со телото“.

Според швајцарскиот детски психолог Жан Пијаже, во првите две години од животот детето размислува со своето тело, бидејќи сè уште не зборува. Пред да зборува и да го разбере говорот, тоа поминува низ сензорно-моторна фаза на учење. Светот го доживува со фаќање, стискање, лазење, тресење, чукање, превртување, паѓање, извртување и дегустација – сето тоа со своето тело. Многу важен момент е како била третирана личноста во детството. Ако е третирано лошо, лицето учи да се однесува лошо кон себе. Ако бил заштитен, добивал грижа и љубов, човекот учи дека заслужува љубезен третман и внимание.

Човечкиот мозок е дизајниран на таков начин што крие многу мисли и чувства од себе, но човечкото тело не знае да лаже. Ако умот анализира, тогаш телото синтетизира сè што се случува со една личност: неговите чувства и состојби, животни значења, сетилно-емоционалното искуство.

Бројни автори пишувале за односот тело – душа низ историјата на развојот на психосоматското (психа – душа, сома – тело) размислување.

Карл Густав Јунг верувал дека функциите на умот – телото се синхронизирани. Тестот за асоцијација на зборови, во кој емоциите се одредуваат според отчукувањата на срцето, дишењето и електричната спроводливост на кожата, беше истражувањето што му помогна на Јунг да разбере дека умот и телото функционираат како едно. Тоа е во согласност со холистичкиот пристап дека сите функции на телото и психата се меѓусебно поврзани. Зборот холизам подразбира пронаоѓање и отстранување на внатрешните и на надворешните причинители што ја нарушуваат рамнотежата. Ова учење укажува дека телесната повреда влијае на нашите мисли, на чувствата и на расположението. Холистичката медицина ги зема предвид сите аспекти од животот, физичката активност, навиките, начинот на исхрана, сонот, емотивната состојба, односот кон стресот итн.

  1. Несвесното влијае врз свесното (умот) ја определува состојбата за која ќе се размислува

Потсвеста прецизно просудува дали напразно се надеваме или веруваме со целото свое битие дека ќе го добиеме тоа што го заслужуваме. „Вербата планини поместува“ е мотивациска максима произлезена од Библијата – таа покажува дека успехот зависи од степенот на вербата и од позитивниот пристап кон нештата. Сè е можно за оној што верува. Верата е моќна сила која ги оттргнува сите пречки на патот кон мирот и хармонијата. Лозунгот на христијанството е „верувај и прими го своето чудо“. Ние сме она во кое самите веруваме, а не она во кое другите нè убедуваат. Доколку веруваме дека сè ќе излезе на добро, така и ќе биде. Ова не се само празни зборови, вистинитоста на ова тврдење е докажана многупати, со разни чудотворни исцелувања и со научни истражувања.

Моќта на верувањето влијае врз тој што верува, но постои уште една моќ, а тоа е моќта на намерата. Вербата и намерата не само што влијаат на начинот на живот што го водиме туку имаат влијание и на сè друго. Германскиот филозоф Артур Шопенхауер има кажано: „Човекот поседува капацитет да го реализира тоа што го сака, само треба да одлучи што точно сака“. Со знаењето доаѓа моќта, така што кога знаеме што сакаме, многу полесно ќе го реализираме тоа што го сакаме. Во духовноста е најзначајно да бараме, да веруваме и да примаме позитивни вибрации.

Треба да внимаваме какви информации акумулираме, со што духовно се храниме и како емоционално се чувствуваме. Нашите умови се извор на фантазија, на амбиција, на траума, на визија, на моќ, на енергија итн. Сè зависи од нивото на нашата свест, од акумулираното знаење и од разговорот што го водиме со самите себе.

Саморазговорот може да нè соочи со песимизмот, но и со оптимизмот, да нè информира за емоционалната состојба и да поттикне волја и визија кон тоа што сакаме да го постигнеме. Мошне е битно како го програмираме својот ум и дали ќе им дадеме предност на развојот и на храброста или ќе се окупираме со стравот и со стагнацијата. Како што напишал Лав Н. Толстој: „Изгубивме затоа што самите на себе си кажавме дека изгубивме“.

Напредокот, успехот и среќата не се можни без проблеми, тешкотии, труд, посветеност и борба. Успешното решавање на животните проблеми директно зависи од општата физичка состојба и од енергетските потенцијали на личноста. Намалениот енергетски потенцијал, слабоста или болеста негативно влијаат на способноста за излез од кризата.

Во мудрите книги е запишано: „За да бидете ѕвезда, мора да сјаете со сопствената светлина, да го следите сопствениот пат и да не се плашите од темнината, бидејќи кога е најтемно, ѕвездите најсилно сјаат“. Треба да престанеме да живееме со синдромот на самонаметнато ограничување и постојано да се жалиме дека немаме доволно време и доволно средства. Според Елдон Тејлор: „Тоа што го очекувате, тоа и го добивате; тоа од што стравувате, излегува дека е тоа што го создавате; тоа што го замислувате, обично е тоа со кое се среќавате“.

Треба да се фокусираме кон нештата што можеме да ги постигнеме и да почнеме афирмативно да размислуваме. Позитивната автосугестија ќе ни помогне да постигнеме мир, хармонија и исцелување на душата. Клучот е да бидеме среќни со самите себе и да изградиме хармоничен однос помеѓу умот и телото.

Тоа ќе го постигнеме ако се полниме со позитивни вибрации, искажуваме молитви, акумулираме корисни знаења, се грижиме за состојбата на својата душа, почесто престојуваме во природа и се опуштаме.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro