За време на своето четиригодишно постоење јавното претпријатие „Лајка“ кое работи по единствената докажана и хумана програма за намалување на бездомни кучиња по улиците, има заловено и истретирано вкупно 3.700 кучиња од кои 850 кучиња си го нашле својот дом.
Од претпријатието велат дека сиве овие години активно работат и на едукација и на промовирање и подигање на јавната свест за одговорно сопствеништво на домашни миленици.
Вчера „Лајка“ заедно со граѓаните, вдомувачите и сите негови подржувачи го одбележа својот четврти роденден.
Од ЈП „Лајка“ изразуваат надеж дека уште многу години ќе бидат достоен сервис на граѓаните и пример за хумано и етичко третирање на бездомните кучиња кои како што велат, не по своја вина се на улиците на Скопје.