Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека борбата против корупцијата во земјата ќе продолжи и дека антикорупциските институции мора да бидат ослободени од руско влијание.
-„Разговарав со директорот на Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), Семен Кривонос, со обвинителот на Специјалното антикорупциско обвинителство (САП), Олександр Клименко, со главниот државен обвинител Руслан Кравченко и со директорот на Службата за безбедност на Украина, Васил Малјук. Сите предизвици ги разгледавме. Антикорупциската инфраструктура ќе функционира, но без руско влијание – мора да се исчисти од него. И мора да има повеќе правда“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
Тој најави дека во наредните две недели ќе биде подготвен сеопфатен план за борба против корупцијата.
Зеленски нагласи дека НАБУ и САП ќе продолжат да работат и додаде дека е од суштинско значење јавниот обвинител да обезбеди вистинска неизбежност на казнување за оние кои го прекршуваат законот.
„Тоа е она што ѝ треба на Украина“, потенцираше Зеленски.
Тој остро ја критикуваше праксата високопозиционирани лица да бегаат од земјата и да живеат удобно во странство, без правни последици, додека милијарди вредни постапки „висат“ со години.
„Најважното е – без руско влијание. И најважното е – неизбежност на казната, која граѓаните треба реално да ја видат“, заклучи Зеленски.
Претходно, Зеленски потпиша закон што, според украински медиуми, значително ја ограничува независноста на НАБУ и САП.