Ракометниот шампион на Македонија, тимот на Еурофарм Пелистер, ќе попричка за прва победа во Лигата на шампионите. Битолчани на домашен терен загубија од унгарскиот Веспрем со 30:23 (17:12) во шестото коло од А – групата и остануваат на дното на табелата со само еден бод од ремито против Спортинг. Шанса за бодови „зелените“ ќе имаат следното коло, кога гостуваат кај данска Фредериција, која ова коло направи големо изненадување со победата над Висла Плок.
Пелистерци на овој натпревар не беа предводени од тренерот Бранислав Ангеловски, кој си поднесе оставка по поразот во дерби натпреварот ов Суперлигата од Алкалоид. Шампионот на овој меч го предводеше искусниот Звонко Шундовски, кој привремено го презеде кормилото на пелистерци заедно со асистентот Алексо Лембанов и за овој дуел на трибини ги остави Павле Атанасијевиќ и Павле Петровиќ, додека на теренот го врати словенечкиот среден бек Домен Тајник
Веспрем во Битола го совлада Е. Пелистер со 30:23 во рамките на шестото коло од Лигата на шампионите, а најдобар на теренот во победничкиот тим беше Циндриќ со осум гола. Поранешниот ракометар на Вардар и Металург по мечот кажа и дека од искуство знае дека не е лесно да се игра во Македонија и да се добиваат натпревари
-Игравме против екипите која е фаворит за титулата во Лигата на шампионите. Точно е и дека времето беше кратко, во еден ден подготвувавме меч и заздравувавме од претходниот. Веспрем имаше добра транзиција од одбрана во напад и ни направи многу проблеми во таа транзиција, додека во поставена зона бевме сосема коректни. Повторно направивме многу техничките грешки, а Веспрем не казни за секоја наша грешка, изјави Лембанов.
Теренот во Битола го почувствува и поранешниот Вардарец, Лука Циндриќ, но во дресот на Веспрем. Тој беше најефикасен во унгарскиот тим со осум гола, а по мечот не криеше дека секогаш е тешко да се игра во Македонија.
-Убаво е што се вратив повторно во Македонија, мило ми е што ракометот е сè уште популарен и луѓето го сакаат овој спорт. Тоа е најважно. На Еурофарм Пелистер му посакувам среќа во иднина, а што се однесува до нас, многу сериозно влеговме во овој натпревар. Од искуство знам дека не е лесно да се игра овде, да се добиваат натпревари. Од првата минута игравме фокусирано и заслужено победивме, изјави Циндриќ
Покрај хрватскиот интернационалец, во редовите на Веспрем се истакнаа уште Дескат и Фабрегас со по шест гола, додека голманот Коралес забележа 15 интервенции. Кај Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски погоди седум пати, а Борзаш го заврши мечот со четири гола. (С.Т.)
Фото: Е.Пелистер (Фејсбук)