Почеток МАКЕДОНИЈА Идејата за национална стратегија прифатлива од Вреди

Идејата за национална стратегија прифатлива од Вреди

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

ВМРО ДПМНЕ уште еднаш на прес конференција ја повика СДСМ да ја прифати идејата за национална стратегија на Македонија во која ќе се дефинираат правците во кои ќе се движи земјава во наредните децении. Од партијата на премиерот сметаат дека стратегијата на државата до 2050 година е столб кој мора да не обедини како општество. ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ да ги напушти теснопартиските интереси и да го прифати предлогот на претседателот Мицкоски.

-,,Ги повикуваме СДСМ да се произнесат. Визијата на претседателот Мицкоски за стратегија на државата до 2050 година ги опфаќа приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели и како да се стигне до нив, земјоделски и технолошки развој, енергетски и транспортен развој, подобрување на животната средина, образование и здравство во тек со светските достигнувања. Македонија има потреба од нова парадигма, која ќе ја внесе државата во новото време. Ние не смееме да заостануваме кога се’ во светот се менува, а научните и економски процеси забрзано се развиваат, рече Драган Ковачки од ВМРО ДПМНЕ.

Од опозициската СДСМ одговорија дека стратегија за државата за следните 20 години веќе постои, а во неа тогаш учествувала и владејачката партија. ,,Најавите на Христијан Мицкоски за „обединување“ околу „нова стратегија“ се несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија. Стратегијата е веќе изготвена и тој ја има на маса, треба да покаже дела а не само празни зборови,, велат од СДСМ

Владиниот партнер, коалицијата Вреди, во изјава за ТВ Алсат вели дека прифаќа идејата за национална стратегија на државата до 2050 година, но истовремено ќе се работи на формирањето на албанска академија во рамките на четири општини каде што имаат градоначалници.

„Го започнавме проектот албанска академија и ќе продолжиме да го поддржуваме како општина Тетово и како ВЛЕН. Но, секако дека сме отворени за сите форми на решавање на ова прашање. Немаме ништо против академици Албанци во МАНУ. Секое институционално решение за ова прашање би било добредојдено“, изјави Касами.

Премиерот Христијан Мицкоски, на одбележувањето на денот на Македонската револуционерна борба најави дека МАНУ и универзитетската заедница треба да се вклучат во новата стратегија во која според него ќе се формулира акцискиот план за следните 25 години, во која насока ќе оди државата.

Мицкоски рече дека сегашните прогнози велат дека за 70 години, врз основа на овој тренд, Македонија ќе биде раселена. Претседателот на Владата рече дека државата е стратегија и оти тоа предизвикало да бидеме блокирани повеќе од 20 години.

Од Македонската академија на науките и уметностите изјавија дека се подготвени и имаат капацитет заедно со универзитетските професори и научната заедница да изработат заедничка стратегија за развој на Македонија до 2050 година. Претседателот на МАНУ, Живко Попов, изјави дека токму тоа е и основната цел на институцијата што ја води.

– Секако, МАНУ го поздравува и поддржува предлогот на претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски за изработка на заедничка стратегија за развој на државата до 2025 година. Впрочем, тоа е дел од нејзината основна дејност, да изработува стратегии за најважните области по кои треба да се движи државата како што се образованието, науката, економијата, владеењето на правото, здравствениот систем, земјоделието, енергетиката, пензискиот систем и друго, изјави Попов за медиумите.

Претходно и академик Ферид Мухиќ за весникот ВЕЧЕР изјави дека стратегијата е искрена, но ќе биде можна само доколку има солидарност од сите политички чинители во земјата околу прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ и прифаќањето или неприфаќањето на ултиматумот за влез во Европската Унија.

„Идејата е добра доколку сите партии во земјата се свесни и прифатат дека нашето членство во Европската Унија е условено, ако гледаме историски етничките заедници секогаш биле обединети и солидарни околу клучните прашања со македонскиот народ. Легитимно е да се побара единство и околу ова прашање, но не може да се очекува. Целта за обединување е стратешка, а излезот е единство“, рече академик Мухиќ за весникот ВЕЧЕР. (П.А.)

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro