Белгиската федерална полиција во неделата уапсила двајца израелски војници коишто се соочуваат со обвиненија за воени злосторства во Газа. Пријава против војниците поднеле две групи за човекови права.
Во соопштението на Фондацијата Хинд Раџаб (HRF) и Глобалната мрежа за правна акција (Glan) се вели дека уапсените дошле во земјата за да присуствуваат на музички фестивал и оти судските постапки се во тек.
„Осомничените беа идентификувани и уапсени, со јасна демонстрација на сила на фестивалот Tomorrowland во Боум“, соопштија групите.
„Мислиме дека сега ќе видиме домино ефект низ Европа и низ целиот свет“, велат борците за човекови права, објаснувајќи дека обвинувањата поднесени против двајцата војници вклучуваат употреба на човечки штитови и безобѕирно уништување.
„Во рамките на долгогодишната борба за одговорност, ова е голем пресврт. Ова е првпат некоја европска земја да ја признае универзалната надлежност над израелски војници и да дејствува одлучно – ги апси и ги испрашува во полициска станица“, вели Дјаб Абу Џахџах, директор на HRF
Доказите се собрани од профилите на војниците на социјалните мрежи.
„Едниот од нив објави видеа од неговата единица како крева во воздух имоти во Газа и во Либан. Другиот позираше до Палестинец кој неговата единица го користеше како човечки штит“, објаснуваат од групите за човекови права.
По приведувањето, војниците сепак биле ослободени. Истрагата на обвинителството продолжува.
Обвинителството соопшти дека на основа на новиот член 14/10 од Уводот на Законот за кривична постапка, којшто стапи на сила на 28 април 2024 година, е установено дека Белгија би можела да има надлежност во овој случај. Имено, овој член им овозможува на белгиските судови да постапуваат по случаи на злосторства извршени надвор од Белгија, на основа на Женевската конвенција од 1949 година и Конвенцијата против мачењето до 1984 година.
Апсењата се случија истиот ден кога белгискиот крал Филип ја опиша ситуацијата во Газа како „срам за човештвото“. Во говорот во неделата тој рече дека Белгија ги поддржува повиците на ОН за „итно ставање крај на оваа неподнослива криза“.
The post Израелски војници уапсени во срцето на ЕУ – по пријава за воени злосторства од групи за човекови права appeared first on Локално.