По натпреварот на прес-конференцијата се обрати селекторот Марјан Илиевски. Тој ги пофали своите млади кошаркари и ги издвои позитивните страни на овој резултат.
„Сакам да им честитам на моите играчи бидејќи постојано разговаравме на темата дека имаме карактер и потенцијал, а недостига искуство. Покажавме дека по еден месец заедно може да се одигра натпревар на кој ќе се види тимскиот дух, квалитетот на соиграчите и сè ќе функционира на повисоко ниво. Статистички нас нè краси транзицијата, енергијата во одбраната треба да ја префрлиме во брзи контри и тоа го реализиравме. Проблемите од претходните натпревари, особено со сковите ги анулиравме. Имаме напредок и треба да работиме за играчите да се навикнат едни на други, а репрезентацијата да напредува. Благодарност за сите кои даваат поддршка на оваа млада репрезентација. Знаеме за што работиме и ќе продолжиме кон зацртаното. Критиките секогаш се присутни, а некогаш се и мотив плус. Апелирам повторно до клубовите, играчите кои ја красат оваа селекција да ги сметаат за важни. Имаме краток период пред секој прозорец, веќе во октомври не очекуваат нови натпревари за ЕП.
Ние се вклучивме во приказна која беше кратка и дојде преку ноќ. Максимално позитивно изненаден сум од пристапот на сите играчи кои беа тука. Постојано атмосферата беше на високо ниво и никој не се штедеше. Имаме „детски“ болести, но тоа се решливи работи и не би издвојувал негативни сегменти на оваа селекција. Не постоеше нешто што можеше да нè изненади. Овие деца дадоа повеќе од максимумот од првиот ден до денес. Сите знаеме дека во кошарката се менуваат репрезентациите и нивните играчи. Ние повторно ќе ги повикаме сите кои претходно нè одбиле од оправдани или неоправдани причини. Јас сум тука за секој да разговара со мене и може да образложи што се случува. Секако дека ќе сметам и на овие играчи кои беа тука. Сето тоа што ќе следува и колку ќе добијат играчите простор, ќе има влијание на иднината во националниот тим. Сепак, можеме да дојдеме во ситуација ако не играат да биде проблем. Истиот тим би го водел уште еднаш и би го оделе истиот пат повторно“, изјави селекторот Илиевски.
Исто така, селекторот имаше и апел до клубовите да им даваат повеќе шанса и минутажа на домашните играчи барем во нашето првенство.
„Затоа бараме од клубовите поддршка, играчите да имаат минутажа бидејќи ние кога ќе се собереме за неколку денови не можеме да им ја кренеме натпреварувачката форма. Минавме еден прекрасен и мотивирачки период заедно, со прекрасни личности и спортисти кои не се штедеа на ниту еден тренинг. Верувавме сите едни во други, а се надевам тоа ќе не краси и во иднина.
Оваа победа не ја разбирам еуфорично, ова е само добро за хемијата и подобрување за иднината. Сепак, победивме една квалитетна репрезентација од која загубивме на првиот меч убедливо. Верувам дека сме на добар пат и дека овие играчи ќе даваат резултати и тука и во своите клубови“, заврши селекторот.