Почеток КУЛТУРАСцена Интервју со гитаристот Стефан Петановски: На Андерфест очекувам одлична атмосфера и добра дружба, за музиката не се ни сомневам дека ќе биде одлична, целата програма е совршена!

Интервју со гитаристот Стефан Петановски: На Андерфест очекувам одлична атмосфера и добра дружба, за музиката не се ни сомневам дека ќе биде одлична, целата програма е совршена!

ekran.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Стефан Петановски е млад и креативен артист. Тој е гитарист, композитор, продуцент и член во повеќе бендови. Неговиот стил најдобро може да се опише како спој од различни жанрови меѓу кои рок, метал, џез, фјужн, сепак задржувајќи го модерниот прогресивен звук. Тој е професор во музичкото училиште Enterprise каде предава на отсекот – гитара од 2018 година. Зад себе има два албуми. Годинава го издаде „Nether“, кој е првиот сингл од претстојниот трет албум насловен како „Thanatos“. Овој албум започнува таму каде што застана претходниот (Ерос), со други зборови овој албум е директно вклучен во целиот концепт на Ерос/Танатос (Живот/Смрт) и со овој албум се заокружува целата приказна. Публиката ќе има можност да го види на шестото издание на фестивалот Андерфест кое ќе се одржи на 1 ноември во МКЦ.

Секој во различно време и заради различни причини имал допир со музиката. Кај некого тој допир бил поинаков и оставил поголеми траги отколку кај другите. Што беше пресудно кај тебе за во даден момент да не можеш да ги тргнеш рацете од гитарата?

  • Откога знам за себе музиката ми е опсесија, кога и да имало музика во нашиот дом мене целото внимание ми било насочено кон неа.
    Гитара почнав да свирам на мој 7 години, но мислам дека пресудниот момент за вистински да не можам да ги тргнам рацете од инструментот беше кога за прв пат ги чув виртуозите на гитара како Steve Vai, John Petrucci и Joe Satriani, тогаш за прв пат воочив колку вистински се далеку можностите на инструментот и колку е бесконечна креативноста.
    Поради нив решив да направам рутина за вежбање гитара која во тој период од мојто живот траеше со саати за време на школската година а за распсуст вежбањето траеше по цели денови. Дел од тие вежби ги правам до денес.

Музичката кариера ја започна во твојот прв авторски бенд „Спектрум“. Какви искуства носиш од тоа време?

  • Амбицијата за да творам авторска музика започна уште во основно одделение, тогаш заедно со Миа Перевска го имавме првиот обид за бенд, правевме авторски песни а исто така имавме и настапувано повеќе пати на најразлични настани. Дел од тие авторските песни ги имаме изведено во живо. Преубаво е чувството што сега после толку време, на 1ви ноември повторно ќе ја делиме сцената на Underfest!
    Кога се запишав во средно школо, многу спонтано се случија работите да се создаде бендот Spectrum, тогаш за прв пат се охрабривме да создадеме инструментален прогресив метал.
    Интересното беше што без никакви очекувања ја правевме таа музика и правевме проби буквално секој ден, имаше општо правило дека секој ден после школо се собираме и правиме проба до полноќ.
    Тој вложен труд резулитраше во многу фестивали, свирки, концерти во и надвор од државата.
    Еден од најубавите моменти и меомрии од тој период ми е самостојниот концерт во МКЦ кој беше преполн со луѓе, со насмевки и позитивни емоции.

Два албуми зад себе, Првиот албум Architect of Reality во 2019 па следи Ерос 2021 година, како си задоволен од тоа како албумите и твојата музика се прифатени од публиката?

  • Создавањето на музика за мене е внатрешен порив и без тоа не знам да функционирам.
    Едноставно тоа е нешто што максимално ме исполнува. Дополнителна сатисфакција е кога ќе слушнам дека музиката што сум ја создал допрела до некого, тоа не се опишува со зборови. Навистина е посебно чувство.
    Вториот албум на моја голема среќа беше прочуен надвор од границите на нашата земја, имаше голем број на интернационални сајтови и страни кои ме исконтакрираа за да напишат резенции и изданија за албумот, па на тој начин некако се прошири овој проект.
    Убавината е што инструменталната музика е универзален јазик и медиум, луѓето можат да ја протолкуваат во зависност од тоа што ќе почуствуваат додека ја слушаат истата.

Интересно е да се спомене дека имаш снимено документарен филм за снимањето на албумот Ерос. Доста прогресивен и некарактеристичен потег за наши услови. Како дојде до оваа идеја и колку овој документарец допринесе во промоцијата на албумот?

  • Од секогаш сум сакал да го набљудувам сопствениот прогрес а најлесен начин за тоа е да се создаде визуелна рамка односно видео. На тој начин точно можам да видам точно до каде сум стигнат во тој даден момент и на што треба да работам.
    На страна од тоа, секогаш сум се восхитувал на музичари кога ќе издадат видеа каде се гледа работата во студио. Во тие видеа се гледа една друга не толку исфилтрирана страна за разлика од помпезните спотови и рафинирани продукции.
    Токму тоа ми беше целта со вториот албум, сакав да го документирам целиот процес на работа, од првата до последната нота. На почеток мислев дека ништо од тоа нема да објавам, односно ќе си остане за мене за кога ке погледнам назад да знам каде сум бил и што сум правел во тој даден момент.
    Но после 2tb меморија и 10 песни снимени, решив да ги прегледам сите тие снимки и целата таа работа да ја сведам на 1 час документарен филм каде може да се види најреалната слика за тоа каков бил целиот процес на создавањето на тој албум.
    Целта ми беше да се прикаже една не перфектна страна и да се види дека со доволно работа во најдомашни услови може да се сними цел албум од почеток до крај. Само треба доволно желба и труд.

Членуваш во повеќе бендови. Ти си композитор, соло артист и музиката е твоја животна определба. Дали кај нас може професионално да се бавиш со музика и да живееш од тоа?

  • Јас секогаш сум оптимист, иако кај нас можностите се многу поминимални за разлика од поголемите земји сепак сметам дека може, особено ако се земе фактот дека живееме во ера на дигитализација. Тоа може да се искористи и полесно од било кога може да се работи на проекти низ целиот свет без да треба секој втор ден да се купува авионска карта.

Кое е твоето мислење за моменталната сцена. Што и недостига на истата и што треба да се направи за поголема промоција на младите артисти?

  • Според мене фалат повеќе места како МКЦ кои се соодветни, доволно големи а воедно и достапни за да се одржуваат концерти. Моментално имаме многу музика, има многу бендови, многу проекти, голем број на млади кои како голем бран се движат кон професионалната сцена, само треба да им се овозможи на тие таленти да блескаат на сцената.

Кој те придружува на сцената и кои се членовите на твојот бенд?

  • Со години бев во потрага по музичари што пред се ја сакаат оваа музика и кои се доволно ентузијасти за да се свири ваков тип на комплексна музика. На мое гоелмо задоволство можам да кажам дека пред неколку години ја најдов таа екипа и конечно се е комплетирано.
    На бас гитара е Стефан Митев со кој заедно свиревме во бендот „Spectrum“. На бубњеви е Дејан Апостоловски со кој свириме заедно во бендот „Station: Innermost“ и свириме во најразлични состави уште од 2017 година.
    А најмладиот член во бендот е Горазд Наневски кој свири гитара, за него до прва ќе се слуша на нашата сцена бидејќи не само што е талентиран гитарист, туку е и одличен композитор и создава музика која е навистина уникатна.
    Исто така, на мое големо заадоволство на вториот албум како главен вокал се придружува мојата сестра Ана Петановска која даде комплетно друга димензија на целиот проект.

Дали би можел да издвоиш некој настап кој ти е омилен и ти останал во сеќавање?

  • Еден од најубавите моменти што ми се имаат случено до сега беше настапот со Station: Innermost како предгрупа на Deep Purple во Борис Трајковски. Нереално сценарио, сон од детсвтото. Дури после концертот мојот мозок испроцесира дека бевме на истата сцена со сите тие големи имиња кои ги имав гледано само на телевизија.
    Исто така многу драг момент во контекст на мојот соло проект беше првиот настап со бендот во рамките на „Бела ноќ“. Бидејќи цело време бевме со „Inear“ монитори не можев да ја чујам публиката, но на една од последните песни ја извадив левата слушалка и тогаш дури слушнав дека во публика се пејат песните, целите инструментали, нота за нота. Како помал кога ги правев првите инцијални идеи за песните во мојата мала соба, не очекував дека некој друг ќе ги слушне, а не ми ни помина низ глава дека некој ќе ги знае цели песни и дека ќе се пеат на глас.

Предаваш гитара во музичкото училиште „Ентерпрајз“ и го пренесуваш своето знаење и искуството на новите генерации. Какво е чувството да се работи со овие млади артисти и колку оваа благородна работа те исполнува?

  • Чувството е посебно, особено кога работата од страна на учениците ќе си донесе резултат. Секогаш им повторувам на час, мое е да им ја пренесам информацијата и да ги поттикнам да вежбаат, ама вистинската работа и труд доаѓа токму од нив.
    Особено ми е драго што сите модерни техники на гитарата што јас сум се трудел да ги разберам и да ги научам гледајќи видеа онлајн и читајќи книги сега можам да им ги покажам директно на учениците и на некој начин да ги насочам на права насока.
    Можам да кажам дека гледам деца кои веќе прераснуваат во сериозни музичари и чувството да се гледаат тие деца како растат и создреваат на нашите концерти од година во година е бесценето.

Си имал можност да соработуваш со значајни имиња од светската сцена. Кои искуства ги носиш од тие средби и соработки?

  • Многу сум благодарен што сум имал такви прилики, како што напоменав и предходно, живееме во свет каде што дигитализацијата и социјалните мрежи се главна преокупација.
    На страна од самиот факт дека тие си имаат свои негативни страни, јас секогаш гледам што можам да извадам позитивно од било која ситуација во животот, па така и со овие алатки.
    Ако се користат паметно, многу ни овозможуваат.
    Токму така дојде и до соработка со некој од овие големи имиња.
    На првото EP на мојот бенд Station: Innermost ни гостува клавијатуристот Derek Sherinian кој има свирено во Dream Theater, во бендот на Billy Idol и многу други проекти, навистина станува збор за легендарен клавијатурист.
    На мојот втор соло албум гостуваат музичари како John Waugh (саксофонистот во проектот на Plini како и во групата The 1975) а исто така гостува и гитаристот Eric Gillette (кој свири во The Neal Morse Вand и проектот на Mike Portnoy),
    Со текот на годините, благодарение на многу од видеата кој што ги имам снимано дојде и до соработки со големи и истакнати музички компании како Sterling By Musicman и Јое Sturgis Tones.
    Битна работа да се напомене е дека тие големи и звучни имиња пред се се луѓе, па секој си е специфичен на свој начин и секоја колаборација си носи различен начин на комуникација.
    Но секогаш се цени кога ќе се пристапи кон нештото сериозно и искрено, како и во секое поле од животот, без разлика за што се работи.

Каква музика слушаш и кои се твоите омилени артисти и албуми?

  • Ова е едно од најтешките прашања и секогаш се размислувам како да одговорам конркетно без да објаснувам предолго, токму поради самиот факт што обожавам да слушам најразлична музика и скоро секој ден сакам да чујам нешто ново што ќе ме инспирира за да создавам.
    Како мој музички херои од детството секогаш ги спомнувам Dream Theater, бидејќи благодарение на нивната музика јас одлучив професионално да се занимавам со ова.
    Обично кога слушам бенд што ме интересира, се опседнувам со целата дискографија и поради тоа не би можел да издвојам конкретни албуми.
    А во моментот тоа што ми е на плејлиста е: Sungazer, Tigran Hamasyan, Northlane, Unprocessed, M83, меѓу другото…

Вашиот следен настап е на фестивалот Андерфест. За прв пат настапувате на овој фестивал. Што очекуваш ти како артист од фестивалот и што може публиката да очекува од вашиот настап?

  • Очекувам одлична атмосфера и добра дружба.
    За музиката не се ни сомневам дека ќе биде одлична, целата програма е совршена!
    А во контекст на нашиот настап, публиката може да се подготви за 7 жичани рифови во Дроп А и нерамноделни тактови! 🙂

The post Интервју со гитаристот Стефан Петановски: На Андерфест очекувам одлична атмосфера и добра дружба, за музиката не се ни сомневам дека ќе биде одлична, целата програма е совршена! appeared first on ekran.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro