Почеток МАКЕДОНИЈАИнтервју со Узунов: Параметрите за покачување на некои плати и пензиите се одраз само на потребите на политичките партии на власт во пресрет на локалните избори

Интервју со Узунов: Параметрите за покачување на некои плати и пензиите се одраз само на потребите на политичките партии на власт во пресрет на локалните избори

Локално мк
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Проблемот не е само во распределбата на буџетските средства, туку исто толку и на страната на собирањето на средства во буџетот. Обете страни на буџетскиот процес и на целиот буџет во Македонија, се проблематични и треба да се реформираат. Тоа е една огромна и тешка работа, но кај нас ниту се започнува со работење на неа, вели во интервју за „Локално“, економскиот експерт и универзитетски професор Ванчо Узунов за тековниот ребаланс на Буџетот и распределбата на буџетските средства.

Според него, параметрите за покачување на некои плати и на пензиите се одраз само на потребите на политичките партии на власт во пресрет на локалните избори. Тврди дека ниту се реални, ниту пак ќе значат некое одржливо подобрување за оние што ќе ги добијат.

-Од тоа што го гледам јас на терен, всушност не се случува ништо особено поврзано со средствата за општините од заемот од Унгарија. Но, некој може да рече дека јас не гледам добро. Во секој случај, тие „проекти“ не се ништо друго освен уште едно глумење во функција на локалните избори. Така проекти за развој на општини не се прават. Прво, не е работа на владата да финансира проекти на локален развој, тоа е работа на општините, секоја одделно за себе. Инаку, зошто воопшто имаме општини и локален развој, ако (централната) влада ја зема работата за наоѓање на средства на себе? Второ, кој воопшто ја истражува оправданоста на тие вложувања? Никој. Трето, до каде се тие проекти? Нема никакви реални информации, вели професорот запрашан за земањето на двата големи заеми од Унгарија и Велика Британија и искористеноста на средствата од страна на општините.

Узунов потенцира дека инфлацијата, особено во делот на прехрамбените производи, останува да биде голем проблем за голем број граѓани, но, се плаши дека таквата состојба нема лесно и наскори да се промени на подобро.

-Замрзнувањето на цените, или фиксирањето на трговските маржи, не дава добри резултати, односно, не дава трајни резултати. Веднаш по истекот на тие мерки, проблемот со растот на цените се враќа назад, веројатно како уште поголем од претходно, додава соговорникот.

Рокот на американскиот претседател Доналд Трамп за царините истече, дел од земјите потпишаа договори, за Македонија се уште нема „абер“. Македонија е најмногу зависна од Европската Унија во тој поглед, па што очекувате во следниот период, во смисла на раст на цените на услугите? Колку силно ќе не погоди одлуката на Трамп?

-Останува да видиме каков ќе биде аранжманот на САД со нашата држава, меѓутоа, каков и да биде (дури и најповолен, што е малку веројатно), основниот проблем во оваа смисла за нас е договорот што ќе го постигнат САД и ЕУ. За нас како држава, извозот во САД не е многу значаен, ниту пак може да се очекува дека во блиска иднина ќе се промени многу. Затоа, од тој аспект последиците за нас ќе бидат релативно мали. Од друга страна, пак, наш убедливо најголем надворешно-трговски партнер се државите членки на ЕУ. Оттука, ако се случи нешто неповолно со економиите на тие држави, тоа за нас секако ќе има значително понеповолен исход. Со други зборови, иако ние, за жал, не сме држава членка на ЕУ, може лесно да се случи да трпиме неповолни последици исто колку и државите членки на ЕУ, а од некои од нив можеби и повеќе. Таква е состојбата (структурата) на нашата економија, па токму затоа велиме (ние во академските кругови, не политичарите), дека најдобра алтернатива за Македонија е да стане држава членка на ЕУ.

Цените на прехранбените производи се уште ги мачат граѓаните, инфлацијата не паѓа до посакуваните 2 отсто. Дали повторно треба државата да интервенира во овој поглед и дали генерално потребна е таква интервенција?

-Инфлацијата, особено во делот на прехрамбените производи (како и за производите за хигиена и слично, односно сите производи што спаѓаат во категоријата нетрајни потрошни добра), останува да биде голем проблем за голем број граѓани, но, се плашам дека таквата состојба нема лесно и наскори да се промени на подобро. Замрзнувањето на цените, или фиксирањето на трговските маржи, не дава добри резултати, односно, не дава трајни резултати. Веднаш по истекот на тие мерки, проблемот со растот на цените се враќа назад, веројатно како уште поголем од претходно. Бидејќи се работи за специфични промени како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката на тие производи, што се случуват во последната деценија. Многу накратко, на страната на понудата очигледно постојат тенденции за искористување на поволната пазарна позиција (така го нарекуваме тоа со стручна терминологија), додека на страната на побарувачката, пак, промените се поврзани со специфичностите на современиот стил на живеење (коишто се нормални), но ја поттикнуваат и создаваат таквата поволна пазарна позиција за релативно малиот број синџири на маркети за малопродажба. Сега тука нема простор (можност) да навлеземе во нивно подетално објаснување.

Меѓутоа е очигледно дека постои потреба од државна интервенција за ова прашање, ама таа треба да биде многу посуптилна и повешта од тоа што се правело, или сега се прави од страна на владата (владите) во Македонија. Потребни се други мерки, но основниот проблем е во тоа што оваа влада, очигледно, нема никаква намера да се зафати со решавањето на овој проблем на вистински начин. Желба за „глумење“ дека проблемот се решава, особено во периодов пред избори, секако дека има, дури е и преголема, но вистинска спремност за тоа отсуствува целосно.

Ребалансот на Буџетот е во тек, се очекува да почне расправата во Собрание. Каде „каскаме“, по ваше мислење, во распределбата на буџетските средства?

-Проблемот не е само во распределбата на буџетските средства, туку исто толку и на страната на собирањето на средства во буџетот. Обете страни на буџетскиот процес, и на целиот буџет во Македонија, се проблематични, и треба да се реформираат. Тоа е една огромна и тешка работа, но кај нас ниту се започнува со работење на неа. Процесите со буџетските средства си продолжуваат какви што си биле во последните, да речеме, 20 години, иако владата, притоа, со сета сила тврди дека нешто се менува на подобро. Всушност, ништо не се менува, а предложениот ребаланс, како и повеќе други индуикатори, го потврдуваат тоа целосно.

Со прекроениот буџет, платите и пензиите треба да станат повисоки. Просечната пензија според пресметките ќе порасне за 2.130 денари и ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во земјата. Јулската плата треба да биде повисока и за вработените во министерството за внатрешни работи, здравството, образованието, општинските служби во износ од 3.200 до 6.800 денари. Имаме ли капацитет за повисоки пензии и плати?

-Параметрите (износите) за покачување на некои плати и пензиите што ги наведувате се одраз само (и само) на потребите на политичките партии на власт во пресрет на овогодишните (локални) избори. Ниту се реални, ниту пак ќе значат некое одржливо подобрување за оние што ќе ги добијат. За пензиите се зборува (што значи дека најверојатно така и ќе се случи), за нивно таканаречено „линеарно покачување“: ист износ на покачување на пензиите за секој пензионер, по 1.000 денари во два наврати, во септември годинава и во март догодина. Тоа е многу погрешно, тоа значи рушење на пензискиот систем, само за потребите на партиите на власт пред избори. Порастот на платите за оние сектори исто така се прават сега, пред избори, а претходно, истата влада не сакаше да направи ништо за пораст на минималната плата. Така што, тоа не е ништо друго, освен предизборна смешна (но и многу штетна) игра.

Ќе видиме ли конечно висок процент на искористеност или можеби целосен на капиталните инвестиции, како што велат од Владата? Што ќе го детерминира овој успех?

-За жал, мислам дека нема да видиме таков (по)висок процент на искористување на таканаречените капитални инвестиции. Прво, сум кажал многу пати, крајно е спорно дека тие намени (проекти) што кај нас се нарекуваат (и се сметаат) како „капитални инвестиции“, се навистина такви. Широката јавност и понатаму (како што беше во социјалистичката ера), смета дека градењето патишта, пруги и слични „тешки проекти“, се капитални инвестиции што ја развиваат државата. Но, денес сме длабоко навлезени во 21 век, па денес развојот е многу повеќе прашање на нешто друго, а не на „тешки“ капитални проекти. За Македонија денес убедливо најкапитален проект е реформирањето на образованието за подобрување на неговиот квалитет! Бидејќи, навреден капитал со којшто располага Македонија е нејзиниот човечки капитал (луѓето, т.е. работната сила). А ние тоа го оставаме да биде со слаб квалитет, и најдобриот дел од него да си заминува во други држави. Затоа, ќе немаме побрз развој, и тоа на многу долг рок. Од друга страна, ниту предвидените капитални инвестиции нема да бидат остварени во обемот како што се планирани, бидејќи нивната реализација не зависи од желбите и амбициите на политичарите, туку од способноста (со стручен термин апсорпциониот капацитет) на администрацијата да спроведува капитални (како и некапитални) проекти. Тоа никој не го подобрува, па после се чудиме зошто не се реализираат повеќе проекти. Во меѓувреме, владата, се разбира, ќе ни тврди дека „сега се работи поинаку, еве ние остваруваме“. Нема ништо од таа работа.

Многу полемики поради земањето на двата големи заеми (од Унгарија и Британија) и искористеноста на средствата од страна на општините. Дали правилно се користат овие средства, од тоа што досега го гледате на терен?

-Од тоа што го гледам јас на терен, всушност не се случува ништо особено поврзано со средствата за општините од заемот од Унгарија. Но, некој може да рече дека јас не гледам добро. Во секој случај, тие „проекти“ не се ништо друго освен уште едно глумење во функција на локалните избори. Така проекти за развој на општини не се прават. Прво, не е работа на владата да финансира проекти на локален развој, тоа е работа на општините, секоја одделно за себе. Инаку, зошто воопшто имаме општини и локален развој, ако (централната) влада ја зема работата за наоѓање на средства на себе? Второ, кој воопшто ја истражува оправданоста на тие вложувања? Никој. Трето, до каде се тие проекти? Нема никакви реални информации. Така што – таканаречениот Унгарски кредит беше и остана ништо повеќе од уште една „игра“ на власта во функција на изборите.

А во однос, пак, на Британскиот кредит, прво, тоа воопшто не е кредит, туку некаква општа гаранција што ВБ ја дава на сите држави од Западен Балкан (како и на други региони). Второ, кој и како ја определува корисноста и исплатливоста на намените за коишто владата зборува дека ќе ги искористи тие пари? Јас тврдам дека изградбата на пругата кон Гевгелија не е најбитниот проект за Македонија. Кај нас едноставно нема (и ќе нема) кој да ја користи таа пруга за да биде исплатлива. Има многу побитни проекти за Македонија, на пример, јас предложив, и пак предлагам, целиот аранжман со ВБ (нели, пет милијарди фунти), да се намени за реформирање на целокупното обрзование во државата. Во рок од, да речеме, десет години, под експертско водство на експерти и институции од ВБ, да се реформира целикупниот образовен систем во државата. Тоа, за мене, е најисплатлива инвестиција, и таква што, ако биде успешна, ќе значи трајно реформирање на државата кон подобра иднина и многу побрз развој. Но, приоротетите на власта се, очигледно, поинакви. Зошто и како не знам, а што ќе биде на крај – ќе видиме.

Платформата „makedonskonajdobro.mk“ е создадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посветена на развој на системи што ќе овозможат поголема видливост, поврзаност и присуство на домашните производители. Преку оваа алатка, домашните производители може да станат прв избор – меѓу институциите, трговците и секој граѓанин. Како гледате на овој последен потег на Владата, иако земјоделците се скептични во однос на домашното производство, бидејќи, како што велат, производителите се сè помалку…

-Знам дека станав досаден, ама што да правам кога имаме толку „упорна“ влада. Меѓутоа, и тој проект е, исто така, „предизборна играчка“. И пак во тој ист „национал-патриотски контекст“ – ние ја градиме државата и слично. А всушност, од тоа нема ништо. Таквите проекти не реформираат земјоделство, земјоделците се во право да бидат скептични, од такви „пропагандни проекти“ ниедна држава не развила ниту земјоделски, ниту било кој друг сектор. Ќе поминат изборите па, ако нема брзи предвремени избори, таа кампања и платформа ќе бидат целосно заборавени.

Следат локални избори наесен, а во политичките кругови се зборува и за предвремени парламентарни во 2026-та. Растот и економијата секогаш се на удар кога во земјата има избори, очекувате ли менување на проекциите за раст на БДП до крајот на оваа и почетокот на следната година?

-Промена на проекциите може да биде сосема очекувана, особено ако има и предвремени избори, меѓутоа промена на реалната состојба и параметри – тоа, за жал, нема да се случи. Но, дај боже јас да грешам… ќе видиме.

Н.П.

The post Интервју со Узунов: Параметрите за покачување на некои плати и пензиите се одраз само на потребите на политичките партии на власт во пресрет на локалните избори appeared first on Локално.

Можно е и ова да ти се допаѓа