Во последните неколку децении посебно внимание се дава на цикличното движење на јаглеродот во природата, со оглед на неговата улога во појавата на феноменот на „стаклена градина“, вели проф. д-р Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт при УКИМ
Почвата е еден од најголемите резервоари на јаглерод, каде тој е врзан во органска или неорганска форма. Со соодветно управување со почвите, посебно во земјоделието и шумарството, може да се зголеми содржината на јаглерод во почвата и да се намали неговото присуство во атмосферата. Ова е една од многуте придобивки на проектот CARBON4SOIL на кој во моментот работи Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот е дел од програмата на ИНТЕРРЕГ ЕУРОМЕД чија цел е да истражи повеќе аспекти врзани со јаглеродот во почвата во Медитеранската зона. Проф. д-р Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт е раководител на проектот од македонска страна и во интервјуто за Умно.мк објаснува кои се целите и придобивките од ова истражување, но зборува и за состојбите со почвите во нашата земја.
Еден од проектите на кои во моментот работи Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е CARBON4SOIL. Станува збор за двогодишен проект во кој се вклучени осум институции. Како тргна идејата за овој истражувачки проект?
– Јаглеродот е еден од основните елементи во природата, како во терестичните така и во акватичните екосистеми. Кружењето на јаглеродот е поврзано со многу важни процеси во природата од кои зависи опстанокот на животот на планетата. Во последните неколку децении посебно внимание се дава на цикличното движење на јаглеродот во природата, со оглед на неговата улога во појавата на феноменот на „стаклена градина“. Имено, јаглеродниот моноксид и диоксид заедно со уште неколку други т.н. „стакленички гасови“ се одговорни за појавата на овој феномен, па затоа намалувањето на концентрацијата на јаглерод во атмосферата преку намалување на неговите емисии, како и изнаоѓање на методи и техники за негово врзување (понирање) се од огромно значење. Почвата е еден од најголемите резервоари на јаглерод, каде тој е врзан во органска или неорганска форма. Со примена на соодветни практики на управување со почвите, посебно во земјоделието и шумарството, можно е да се зголеми содржината на јаглерод во почвата и да се намали неговото присуство во атмосферата.
Тренинг сесија. Јаглеродно земјоделство – модел за позелена иднина и здрава почва
Врз основа на сето ова, се јави идеја да се отпочне со еден проект од програмата на ИНТЕРРЕГ ЕУРОМЕД чија цел е да истражи повеќе аспекти врзани со јаглеродот во почвата во Медитеранската зона. Со некои од институциите кои се учесници во проектот Земјоделскиот институт има повеќедецениска соработка, така што оваа активност е еден вид продолжение на досегашната плодна соработка.
Во фокусот на проектот е да понуди научни основи за намалување на јаглерод диоксид (CO2) во воздухот и негово складирање во почвата, користејќи т.н. „јаглеродно земјоделство“. Што поточно подразбира овој термин?
– Едноставно кажано, „јаглеродното земјоделство“ (ЈЗ) вклучува група на мерки (практики) со кои се намалуваат емисиите на јаглерод од земјоделските површини. Во исто време овозможува поголемо врзување на јаглеродот од атмосферата кој се складира во почвата во различни форми на органски врзан јаглерод. ЈЗ исто така претставува и ефикасен начин во борбата со негативното влијание од климатските промени, затоа што ја намалува концентрацијата на јаглерод во атмосферата и со тоа се намалува ефектот на стаклена градина. Во исто време почвата се збогатува со органска мaтерија и се зголемува нејзината отпорност во однос на екстремните појави предизвикани со климатските промени (поплави, ерозија, и др.).
Со примена на мерки и практики кои се дел од ЈЗ како што се: редуцираната обработка на почвата, покривните култури, ротација на културите, агро-шумарство, компостирање и сл., се подобрува и севкупното здравје и квалитет на почвата, нејзините функции, се зачувуваат екосистемските услуги кои таа ги дава. Јаглеродното земјоделство (ЈЗ) исто така се однесува и на бизнис-модели чија цел е да го унапредат намалувањето на влијанието на климатските промени, преку плаќања на фармерите кои применуваат практики кои се климатски погодни.
Јаглеродното земјоделство е една од климатските акции на Европскиот зелен договор и има потенцијал да стане пример за стратешко одржливо управување со почва и модел за Европската Унија. Каде го гледате уделот на CARBON4SOIL во овој стратешки развој?
– Јаглеродното земјоделство е јасно потенцирано во Европскиот зелен договор, посебно во климатската акција која се однесува на Реставрација на бидовиерзитетот и природата, а е тесно поврзана и со акцијата која се однесува на Одржливото земјоделство (Farm to Fork Strategy). CARBON4SOIL е проект кој има задача да изврши проучување на широк спектар на аспекти кои се однесуваат на јаглеродот во почвата, каде како еден сегмент припаѓа и јаглеродното земјоделство. Проектот ќе изврши детално проучување за постоечката состојба со содржината на јаглерод во почвите на Медитеранот, избор на најсоодветни методи за негово мониторирање и моделирање во просторот и времето, примена на софистицирани техники за далечинско сензорирање како и утврдување на референтите вредности на органски јаглерод во почвите во Медитеранот. Тесно поврзано со Европскиот зелен договор е и истражувањето кое ќе се однесува на определување на најповолните практики на ЈЗ во регионот на Медитеранот како и изработка и тестирање на тренинг модули со кои се опфатени сите аспекти кои се однесуваат на: квалитетот на почвата, значењето на органскиот јаглерод врз квалитетот на почвата, јаглеродното земјоделство и бенефитите од јаглеродните кредити и учество во пазарите на јаглерод.
Анализите покажуваат дека деградирањето на почвата е една од заканите за стабилноста на храната во медитеранскиот регион. Кои се главните причини за деградација на почвите денес? Колку од нив се должат на влијанието на човекот, а колку на климатските фактори?
– Почвите се директен производ на условите на средината, односно сложената интеракција помеѓу почвообразувачките процеси и тоа: геолошката подлога, релјеф, вегетација во даден временски период. Секоја промена на овие процеси води кон промени во правецот на развој на почвите. Промените што ги предизвикуваат луѓето се нагли и за кратко време можат да предизвикаат сериозни промени кај почвите во правец на нивна деградација, односно губење на нивата плодност и функциите и услугите кои ги вршат во екосистемот.
Прв состанок во Блед, Словенија
Во најголем број случаи процесите на деградација се резултат на активноста на човекот кој ја употребува почвата на несоодветен начин за задоволување на своите потреби, односно производство на храна, растителни влакна, дрвна маса и почвени ресурси (руда и минерали). Климатските промени се само уште една појава која дополнително влијае врз позабрзана деградација на почвите.
Еден од потешките облици на деградација е намалувањето на органската материја во почвата што е резултат на неодржливиот начин на користење на земјоделското и шумското земјиште, со што се нарушуваат сите својства кои ја дефинираат плодноста на почвата. Ваквата почва е многу помалку отпорна во однос на негативното влијание на климатските промени, посебно во однос на климатските екстреми: поплави, суши, и др. Во таа смисла проектот CARBON4SOIL има за цел да ги проучи сите аспекти кои се однесуваат на јаглеродот во почвата. Да даде приказ на моменталната состојба со примена на ЈЗ во практика и да се идентификуваат најпогодните за Медитеранскиот Регион, да се утврдат референтите нивоа на јаглерод во почвата и да се препорачаат најдобрите методи и практики за мониторинг и управување со почвата, како и да се идентификуваат проблемите и отворените прашања кои бараат додатни испитувања и тестирања.
Каква е состојбата со деградацијата на почвите во нашата земја, со оглед на тоа што голем дел од територијата е земјоделска површина?
– Почвите во Република Северна Македонија се под постојан притисок од различни фактори, вклучувајќи урбанизација, индустриски и енергетски активности, земјоделство, шумарство, транспорт, рударство, туризам и климатски промени. Најзначајни процеси на деградација на почвата во земјата се: намалувањето на содржината на органска материја во почвата, ерозијата, запечатување на почвата, загадувањето и засолувањето.
Природните услови, особено климатските и почвените карактеристики во комбинација со неодржливи земјоделски практики и уништувањето на шумите, се главните причинители за интензивните процеси на ерозија на почвата. Според податоците од новата карта на ерозија на почвата, околу 33,57 отсто од територијата на земјата се изложени на трите најсериозни категории на ерозија на почвата. Се проценува дека околу 11-15.000 хектари се природно солени почви кои се главно концентрирани во три региони: Овче Поле, Скопската Котлина и Пелагонија. За жал, поради отсуство на систематско следење, целосниот обем и сериозност на засолувањето на земјоделското земјиште останува непознат, посебно на обработливите површини кои се под закана од т.н. секундарно засолување поради наводнување со вода за наводнување со низок квалитет.
Трети состанок на проектниот тим на – Carbon 4 Soil Quality во Скопје
Алкализирањето на почвата е уште еден процес на деградација што може значително да се влоши со несоодветно управување со почвата и вода, особено во аридни услови. Сепак, слично како и со засолувањето, нема доволно податоци за прецизна процена на обемот на алкализација.
Во однос на содржината на јаглерод во почвата, поради непостоење на континуиран мониторинг на почвата не може со сигурност да се каже колкава е неговата содржина во почвата. Направени се неколку напори за процена на неговата содржина врз основа на глобални податоци како и постоечки национални податоци. Од тие истражувања може да се заклучи дека содржината на органски јаглерод во почвата е значајно намалена. Од анализите направени како дел од процесот на поставување на цели за Неутралност на деградацијата на земјиштето (LDN) според Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против дезертификација (UNCCD) може да се утврди дека годишната акумулација на SOC во референтниот период (2001 – 2005) изнесувала приближно 90.000 тони годишно, додека во извештајниот период (2015 – 2019) акумулацијата се намалила на 77.000 тони годишно низ сите шест категории на користење на земјиште. Ова јасно укажува на континуиран пад на нивото на SOC низ земјата.
Најновите анализи на запечатување на почва во периодот од 2000 до 2018 година околу неколку урбани центри покажа пораст на запечатени површини од 1,73 отсто (во подрачјето на Охридското Езеро) до 2 отсто, на сметка на шумски и земјоделски површини.
Во рамките на проектот ќе биде изработен и „Прирачник за јаглеродно земјоделство“. Какви алатки ќе понуди и кому ќе бидат најкорисни?
– Еден од предвидените резултати од проектните активности е и изработка на пет тренинг модули кои ќе третираат различни теми поврзани со јаглеродот во почвата и тоа: квалитет на почвата, јаглеродот и неговото кружно движење во природата, јаглеродното земјоделство, бенефити од ЈЗ и како да се избере најпогодната техника и практично упатство за фармерите како да ги искористат погодностите од јаглеродните кредити. Сите тренинг модули се во вид на презентации, брошури и видеоматеријали кои се достапни и на македонски јазик. Тренинг модули се наменети за да се подигне знаењето за различни теми поврзани со јаглеродното земјоделство, како кај производителите така и кај други заинтересирани страни вклучително и кај носителите на одлуки. Материјалите веќе се тестирани од стана на сите учесници во проектот, со претставници од разни засегнати страни и тоа: фармери, академија, бизнис-заедница, асоцијации на фармери, креатори на политики во земјоделието и животната средина и др.
Зошто се важни овие меѓународни проекти и транснационалната соработка? И за кои клучни предизвици CARBON4SOIL ќе понуди решенија?
– Меѓународните проекти даваат единствена можност за соработка на тимови од една иста област или на мултидисциплинарни тимови во третирање на одредена проблематика. Ваквата транснационална соработка овозможува размена на искуства и идеи помеѓу научните работници и практиката, што помага во изнаоѓањето на иновативни решенија како и спроведување покомплексни активности во третирање на одреден проблем.
CARBON4SOIL е проект кој ќе овозможи да се добие еден сеопфатен преглед за состојбите поврзани со органскиот јаглерод во почвите во Медитеранот, со посебен фокус на референтите содржини на јаглерод кај медитеранските почви, избор на најдобри стандардни методи за негов мониторинг и моделирање, избор на најпогодни техники на јаглеродното земјоделство кои се погодни за медитеранските почви и постоечките системи на производство како и подигање на свеста кај сите заинтересирани страни за значењето на ЈЗ и јаглеродните кредити.
The post Истражуваме како правилно да управуваме со јаглеродот во почвите на Медитеранот first appeared on УМНО.МК.