Ландо Норис е крајно револтиран од казната што ја доби на трката за Големата награда на САД, на патеката во Остин. Тоа ја убило надежта кога се шампионските амбиции во прашање.
Возачот на Мекларен доби казна од пет секунди за недозволено престигнување на Макс Верстапен, односно за напуштање на патеката и за стекнување предност.
- За мене, она што го направи Макс беше погрешно, а тоа беше да ја одбрани својата позиција со излегување од патеката и ефективно задржување на својата позиција. Тој претерано се бранеше, направи грешка и профитираше од тоа. Морав да излезам од патеката – истакна разочараниот Норис.
Оваа казна му овозможи на Холанѓанецот да стигне до третото место и да ја зголеми предноста пред Норис во генералниот поредок на 57 бода.
- Имам мислење за тоа, но не мора да го кажам тука. Ги оставам стјуардите да го направат своето. Во последно време се жалат на секакви работи, но правилата се јасни. Не можете да престигнувате надвор од белата линија – изјави трикратниот светски шампион.
Двајцата веќе имаа контроверзен инцидент на почетокот од трката, во првиот свијок, кога Верстапен го нападна однатре и го принуди да оди широко, потег што ги чинеше двајцата, односно му ја „подарија“ победата на Шарл Леклер.
Норис, во поголемиот дел од трката, гледаше во грбот на Верстапен, но одличната стратегија му даде предност со гумите и го мина на 12 круга до крајот.
Двајцата ривали ги поминаа следните осум круга борејќи се, возејќи рамо до рамо, додека Норис не се обиде да ја искористи најдобрата шанса што му беше дадена. Тој се префрли на надворешната линија на свијокот 12, додека Верстапен ја бранеше внатрешната страна. Двата болида излегоа од патеката на излезот и Норис се најде напред.
Верстапен веднаш се пожали дека Норис го престигнал надвор од патеката, што не е дозволено.
- За мене, тоа е непромислена одлука. Тие не ги слушаат и не ги разбираат нашите аргументи. Тие само сакаат да донесат одлука во тој момент за да не менуваат бодови, подиуми и слични работи – рече Норис.
На крајот, возачот на Мекларен нема ништо против својот конкурент во борбата за титулата.
- Тоа беше голема битка. Макс одлично се бранеше, заврши на подиумот и му честитам – изјави Норис.
Американската Ф1-турнеја продолжува следниот викенд, во Мексико.