Видеото на кое Новак Ѓоковиќ ја прославува победата на Олимписките игри во Париз беше искористенo на социјалната мрежа „Х“ во кампањата за Доналд Трамп.
„Новак Ѓоковиќ се прекрсти и на колена му се заблагодари на Бога по победата. Мејнстрим медиумите го цензурираа ова. Да го направиме вирално“, се вели во описот на видеото на кое се гледа Ѓоковиќ на колена по победата во мечот за златен медал на Олимпијадата во Париз оваа година.
Профилот „Donald J. Trump“, заверен со сина ознака и со негова фотографија, на прв поглед може да доведе до заблуда дека се работи за официјален профил на Трамп на оваа социјална мрежа. Сепак, не е тоа.
Novak Djokovic made the sign of the cross and thanked God on his knees after his victory.
The mainstream media censored this! Let’s make it go VIRAL! pic.twitter.com/HWQHEixKiY
— Donald J. Trump 🇺🇸 News (@DonaldTNews) October 24, 2024
Она што го одделува од @realDonaldTrump е зборот „news“ на профилот, но тој е тесно поврзан со Трамп и неговата кампања. Како што стои во описот, овој профил ги поддржува и ги следи сите патриоти и објавува ударни вести.
А, ударните вести што се објавуваат на ова место се прохристијански, антиимигрантски, често на ниво на теории на заговор. Не недостигаат ниту лажни вести, кои ја дискредитираат противкандидатката на Трамп, Камала Харис, но и вести во кои се величи поранешниот американски претседател, кој се кандидира за уште еден мандат во Белата куќа.