Експресниот пат Градско-Дреново ќе биде пуштен за сообраќај до крајот на годинава. Изградбата почна на 14 мај 2018 година и 16-те километри требаше да бидат завршени за две години.
– Изведувачот на работите на експресниот пат Градско-Дреново забрзано работи на косината бр.2 кај село Дебриште во Општина Росоман. Се поставува кршен камен, а се изработува и габионски ѕид на самата косина. Долж делницата, пак, се поставуваат дилатации на мостовите, се работи на поставување на електрика на клучките Градско и Росоман, се поставува заштитна еластична ограда итн. Очекувајте до крајот на оваа година да ги извозите првите километри по новиот експресен пат Градско-Дреново – информираат од ЈП за Државни патишта.
Ова е првата делница од експресниот пат од Градско до Прилеп и ако се испочитува најавата од ЈПДП, изградбата ќе заврши за шест ипол години. Замислете, за шест ипол години колку автопатишта би изградиле Кинезите. Имено, Кинезите градат автопат за само 10 дена.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски најави дека втората делница од Дреново до Фариш ќе биде готова догодина ова време.
Возачите кои многу често го поминуваат делот од сегашниот пат од Градско до Прилеп посочуваат дека во моментов повеќе од трагична е состојбата од Каменоломот до исклучувањето за Беловодица, секцијата која требаше како трет сегмент заедно со овие два од Градско до Фариш, да се прошири на ниво на експресен пат, ама за таму абер се нема. Посочуваат дека посебно лошо е спуштањето од Плетвар после исклучувањето за Беловодица, каде има 3-4 ударни дупки, на кои лесно може да се оштети возилата.
Исто така, како што велат од ЈПДП, веќе се завршени 75 проценти од работите на државниот пат Р1301 – делницата Охрид-Св. Наум. Таму се врши рехабилитација и поправка на патот во должина од 24,3 километри и се очекува работите да завршат до февруари 2025 година.
– Делницата Охрид-Св. Наум со децении не беше рехабилитирана иако е еден важен крак од аспект на туризмот, но и крак кој не поврзува со соседна Република Албанија. Препознавајќи ја важноста на оваа делница издвоени се средства и преземени се активности за поправка и рехабилитација на државниот пат Р1301 во должина од 24,3 километри – велат од ЈПДП.
Во моментот се чисти трасата, се изведува крпење и асфалтирање на дупки, се подготвува асфалтирање на одреднеи секции на трасата и слично. Вредноста на оваа инвестиција е 707.390.772 денари, средства обезбедени од буџетот на претпријатието.
Овој патен правец е изграден пред педесетина години и врз него досега не се извршени поголеми реконструктивни зафати.
(С.Бл.)