Неодржливо е трговската размена меѓу ЕУ и Кина да расте еднострано, бидејќи во заеднички интерес е таа да биде избалансирана и фер, во корист на сегашните и идните генерации, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во воведното обраќање на Самитот ЕУ-Кина во Пекинг.
– Би сакале понатаму да работиме на тоа да се осигураме дека нашите економски односи се избалансирани, реципрочни и меѓусебно корисни, истакна Кошта.
Тој потенцира дека годинава се одбележува 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу ЕУ и Кина, во кој период меѓусебните економски и меѓучовечки врски експоненцијално се зголемија, носејќи просперитет за двете страни.
– Како клучни трговски партнери, нашите економии и нашите општества станаа тесно поврзани, рече Кошта.
Тој нагласи и дека ЕУ очекува Кина да го искористи своето влијание како постојана членка на Советот за безбедност на ОН за да се стави крај на руската агресија врз Украина, изразувајќи надеж дека Брисел и Пекинг заедно можат да се справат со глобалните предизвици.
– Ние сме посветени на продлабочување на нашето билатерално партнерство и на стремежот кон конструктивни и стабилни односи, засновани на почитување на меѓународниот поредок заснован на правила, балансиран ангажман и реципроцитет. Подготвени сме да постигнеме напредок во решавањето на проблемите со добра волја и искреност и да работиме заедно за да го одржиме мултилатерализмот, додаде Кошта.
As we mark 50 years of EU-China diplomatic relations, our economies & societies have become closely linked.
I look forward to discussing with Premier Li today how to make sure that our economic relationship is balanced, reciprocal & mutually beneficial. https://t.co/YZi8EIDHIu
— António Costa (@eucopresident) July 24, 2025
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од своја страна во воведното обраќање на Самитот нагласи дека Кина и Европа се глобални економски и трговски гиганти и начинот на кој ги регулираат меѓусебните односи влијае на нивниот економски просперитет и национална безбедност, но и на глобалната стабилност.
– Затоа е апсолутно важно да ги разбереме интересите и меѓусебните загрижености и да дејствуваме според нив. Сакаме овој однос да биде корисен за двете страни, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека ЕУ отсекогаш верувала во моќта на слободната трговија за поттикнување на просперитетот и во фер конкуренцијата, но смета дека е потребна поголема рамнотежа во европско-кинеските односи, како што се поголем пристап на европските компании на кинескиот пазар, справување на пазарниот вишок на стоки и намалување на контролата на извозот.
– Кога нашите грижи не се решаваат, нашата индустрија и граѓаните ќе бараат да ги браниме нашите интереси. Но, наш приоритет секогаш, како што правиме и денеска, е да водиме дијалог и да најдеме добри решенија преку договор, истакна Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК, нагласи дека покрај трговијата, во односите меѓу ЕУ и Кина значајна е и соработката во врска со климата и ограничувањето на емисиите на штетни гасови.
– Имаме заеднички интерес за промовирање на циркуларна економија и за претворање на отпадот во богатство. Здружувањето на силите овде ќе испрати моќна порака до светот, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека има толку многу работи што ЕУ и Кина можат да ги направат заедно.