Уметникот Кајсинг Лунг е роден во Хонг Конг и е креатор на ликот Лабубу, чудовиште слично на зајак чиј успех го редефинира спојот на уметноста, играчките и поп-културата.
Роден во 1972 година, Лунг се преселил во Холандија со своето семејство како дете. Без видеоигри и дигитални медиуми, тој наоѓал утеха во цртањето и европските сликовници.
– Немаше конзоли ниту компјутери, па морав да цртам кукли со молив. Уште од дете сакав да сликам бајки – истакнал тој.
Неговата рана фасцинација од џуџињата и фолклорот ги поставила темелите за уметнички правец што ќе го следи во текот на целиот негов живот.
Подоцна студирал и работел во Белгија, каде што станал првиот кинески уметник што добил национална награда за илустрација. Денес, тој го поминува своето време помеѓу студии во Белгија и Хонг Конг, продолжувајќи да создава дела исполнети со фантазија и спомени. Неговиот универзум од ликови – Лабубу, Спуки, Зимомо, Таикоко и други – го сочинуваат она што тој го нарекува „Чудовишта“, серија што ја спојува разиграноста со тивката интроспекција.
Лабубу претставува дел од неговата личност
Лабубу првпат како лик беше претставен во 2015 година. Инспириран е од келтските народни приказни и ја носи препознатливата мешавина на Лунг од немирност и добрина. Според Лунг, Лабубу претставува дел од него.
-Некои работи што сакав да ги направам, но немав храброст, му дозволив на Лабубу да ги направи – додал тој.
Траекторијата на овој лик драстично се промени во 2019 година кога Лунг потпиша договор за лиценца со „Поп Март“. Партнерството му овозможи на Лабубу да стане колекционерска фигура „блајнд бокс“ – бизнис-модел што ја претвора мистеријата во масовна привлечност. Оттогаш, Лабубу се појави во повеќе од 300 верзии. Стана културна икона во Азија, Европа и САД. Познати обожаватели – вклучувајќи ги Ријана, Дуа Липа, па дури и членови на тајландското кралско семејство – беа видени со кукли Лабубу, што ја зголеми популарноста.
Оваа година Лабубу речиси ја дуплира продажбата на „Поп Март“. Претседателот на компанијата, Ванг Нинг, заработи 1,3 милијарди фунти за еден ден бидејќи акциите скокнаа за 13,2 проценти во мај откако новата американска апликација на „Поп Март“ се искачи на врвот на листите за преземање. Неговото богатство сега се проценува на 12,8 милијарди фунти и тој стана десеттиот најбогат човек во Кина, според „Форбс“.
Лабубу не е само играчка
И покрај неговиот комерцијален успех, Лунг останува посветен на раскажувањето приказни. Првично планирал да објавува по една сликовница годишно, секоја од нив истражувајќи лик од светот на „Чудовишта“. Брзиот подем на Лабубу го наруши тој распоред, но Лунг сè уште ја гледа својата уметност како водена од приказна, а не од производ.
– Лабубу не е само играчка. Тоа е лик со приказна – истакнал тој.
Во светот на модата, приврзоците за чанти во ограничено издание создадоа еуфорија – редици се формираа пред „Хародс“, додека обожавателите ги носеле своите домашни миленици во костими на Лабубу за потпишување автограми во продавницата „Довер стрит маркет“. Неговите илустрации ја красеа и насловната страница на списанието „Перфект“.
Во рамките на серијата „Чудовишта“, Зимомо и Мококо често се мешаат со Лабубу – Мококо има нос во облик на срце, додека Зимомо има опашка.
„Не очекував толку голем успех“
Следната цел на Лунго е да се врати на корените на неговата креативност. Тој се надева дека ќе објави нова сликовница со Лабубу следната година, која ќе ја претстави приказната за потеклото на овој лик и ќе ја доближи до новата генерација обожаватели.
– Не очекував Лабубу да стане толку популарен -признава тој.
Иако Лабубу продолжува да доминира на пазарот на играчки, придонесувајќи за подемот на „Поп Март“ во бизнис вреден повеќе милијарди долари — тивкото раскажување приказни и визијата на Кејсинг Ланг остануваат во срцето на феноменот.