Почеток МАКЕДОНИЈА Кој ќе ја води иднината – човекот или алгоритмот? Новиот Тинк Тенк И-ХИ повика на акција

Кој ќе ја води иднината – човекот или алгоритмот? Новиот Тинк Тенк И-ХИ повика на акција

racin.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

И-ХИ Тинк Тенк, нов истражувачко-аналитички центар посветен на етичката и хумана примена на вештачката интелигенција (ВИ), вчера го промовираше својот прв позициски документ под наслов „ВИ – Меч со две сечила“.

Настанот се одржа во присуство на експерти, претставници на граѓанскиот сектор, и пошироката јавност, отворајќи низа важни прашања за иднината на технологијата и човекот.

И-ХИ предупредува дека неконтролираното воведување на ВИ може да доведе до драматични промени на пазарот на трудот, манипулација со информации и зголемени социјални нееднаквости. Во услови на регулаторни празнини, документот предлага конкретни препораки:

– Воведување национална стратегија за ВИ со јасни правни рамки

– Поддршка за образовни реформи кои ќе подготват идни генерации за дигиталната ера

– Социјална заштита за работници погодени од автоматизацијата, вклучувајќи дискусија за универзален основен приход

– Етички стандарди за употреба на ВИ во јавниот сектор, медиумите и индустријата

– Преземање мерки за борба против дезинформации и злоупотреба на ВИ во политички цели

– Создавање независно тело за мониторинг и надзор врз употребата на ВИ

„Свесни сме дека ова е најмоќната алатка што човештвото досега ја има создадено. Таа има огромна трансформативна моќ во сите сфери на општеството. Не би требало да дозволиме да се применува стихијно бидејќи последиците може да бидат драматични.  Прашањето е дали ќе ја искористиме за похумано општество или ќе дозволиме таа да ги обликува правилата без наша контрола“, изјави Валентин Нешовски, претседател на И-ХИ.

Тони Поповски, политиколог и еден од основачите на И-ХИ Тинк – Тенкот, објаснувајќи ги препораките кои тие ги понудија рече дека добро избалансирана правна рамка во комбинација со зајакната јавна свест и подготвеност за склучување на продуктивни партнерства и соработка, ќе помогнат во искористување на огромниот потенцијал на ВИ, додека истовремено се заштитуваат човековите права и демократските вредности.

Документот истражува деликатната рамнотежа помеѓу иновациите и огромните потенцијали водени од ВИ и социо-економските нарушувања што таа може да ги предизвика. На промоцијата беа истакнати и објаснети сите позитивни трендови поврзани со оваа моќна технологија – од примената во образованието и медицината, преку роботиката и економскиот импакт, до напредокот во науката и истражувањето.

Дебатата отвори и длабоки теми од општествен, социјален, правен и филозофски карактер, со особен фокус на заштитата на човековите права и слободи.

Во мисијата, визијата и програмата на И-ХИ се препознава техно-оптимизам, но и длабока свесност за можните ризици од четвртата технолошко-индустриска револуција. Целта на организацијата е да поттикне јавна дебата, да влијае врз носителите на одлуки и да предложи правци за безбедна и праведна имплементација на ВИ.

Тимот на И-ХИ го сочинуваат докажани експерти во области како нови технологии, комуникации, софтвер, стратешки развој и дигитални системи.

Целиот документ „ВИ – Меч со две сечила“ е достапен тука: https://i-hi.org/mk/stavovi-i-pozicii

Повеќе за тимот: https://i-hi.org/mk/tim

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro